Говорејќи на социјални теми, Димитриевски рече дека ако стане претседател на државата ќе се залага за 13-та пензија во форма на субвенција за сите пензионери. Тој најави дека една од неговите први активности ќе биде и измена на актуелниот Кривичен законик, со кој, како што рече, се амнестираа голем број поранешни, но и актуелни политичари во државата
Лидерот и претседателски кандидат на „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“, Максим Димитриевски денеска во Валандово рече оти смета дека мора да се најде начин и модел со кој ќе се модифицира Преговарачката рамка за да може да се придвижи евроинегративниот процес на земјава.
Според Димитриевски потребно е да се формира меѓународен тим, во кој ќе има преставници од Европската Унија (ЕУ) и кој ќе работи на прилагодување на рамката во делот на Францускиот предлог, според општествените околности во државата.
„Да се формира меѓународен тим во кој ќе има претставници на ЕУ, кој ќе работи на прилагодување на рамката во делот на прилагодување на Францускиот предлог, односно според потребите на општеството во Македонија што би значело придвижување на процесот напред, бидејќи како што стојат работите Македонија стои во место. Сметам дека мора да се изнајде начин и модел со којшто ќе се модифицира Преговарачката рамка за да се придвижи тој процес на евроинтеграции и преговори напред и конечно да почнат преговорите со ЕУ за полноправно членство“,
рече претседателскиот кандидат на „Движењето „ЗНАМ“, Максим Димитриевски, во денешното обраќање во Валандово на третиот ден од кампањата за првиот круг на претседателските избори закажан за 24 април.
Говорејќи на социјални теми, Димитриевски рече дека ако стане претседател на државата ќе се залага за 13-та пензија во форма на субвенција за сите пензионери. Парите за ова, како што кажа, би биле обезбедени од нереализираните средства наменети за капитални инвестиции кои остануваат на крајот од годината.
Тој најави дека една од неговите први активности ќе биде и измена на актулениот Кривичен законик, со кој, како што рече, се амнестираат голем број поранешни, но и актуелни политичари во државата.
Законот, рече Димитриевски, мора да важи за сите подеднакво, додавајќи дека слоганот „Нема правда, нема мир“ сè уште важи за него и оти тој не остапил од оваа порака.
Покрај Валандово, на агендата на Димитриевски во рамките на изборната кампања денеска беа и Богдандци и Дојран, а изборниот карван го заокружи вечерва со обраќање пред жителите на Гевгелија.