(ВИДЕО) Рикер: Не можам да замислам С Македонија да напредува без да продолжи кон ЕУ

По неговото пензионирање по повеќе од 30 години поминати во Стејт департментот, Филип Рикер се почесто го гледаме во земјава и во регионот. Искусниот дипломат кој во кариерата беше и амбасадор на САД во Скопје и помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, сега како дел од вашингтонска тинк-тенк група, е доста активен и присутен на Стариот континент. За време на кусата посета на Скопје успеавме да разговараме со него за дел од темите кои се значајни за Северна Македонија и за Западен Балкан во овој период како претстојните двојни избори, закочените уставни измени и влијанието што тоа ќе го има врз ЕУ-процесот, надворешните влијанија, справувањето со корупцијата и организираниот криминал.

„Нема дилеми дека Европа, поточно ЕУ, е местото каде што оваа земја припаѓа и тоа прашање долги години беше дел од процесот. Отсекогаш сум велел дека решението за т.н. македонско прашање, нешто за што речиси два века се зборува во дипломатијата и европските политики и го пишува во учебниците по историја, дури и Бизмарк зборувал дека клучот за стабилноста на Балканот лежи во решавањето на македонското прашање, и вие заедно со сите нас кои ја поддржуваат земјава го имате решението за македонското прашање, а тоа е оваа земја во нејзините граници, демократска, мултиетничка, со добри односи со соседите и целосно интегрирана во евроатланските структури – НАТО и ЕУ. Тоа е патот“, вели Рикер во интервјуто за 360 степени.

360°: Амбасадоре, која е причината за вашата посета на Скопје? Вие пред неколку години се пензиониравте од долгогодишната служба во Стејт департментот. Зошто сега сте пак во Скопје?

Филип Рикер: „За мене секогаш е задоволство да дојдам тука, во Скопје, овде сум како дома. Неколку години од мојот професионален живот ги поминав во Скопје, но исто така и лично минав години тука. Минатата година неколкупати бев во Скопје, што беше мое прво доаѓање по пензионирањето од Стејт департментот по 31 година служба. Од личен, но и од професионален аспект како дел од вашингтонска тинк-тенк група која се фокусира на Европа, вклучувајќи го и Западен Балкан, убаво е да се вратам. Особено бев задоволен што сум тука за одбележувањето на 4-годишнината од зачленувањето на Северна Македонија во НАТО и со тоа, таа стана 30-ти сојузник, 30-ти член на НАТО-алијансата. За мене тоа беше горд момент и приватно и професионално зашто долго време напорно работевме на овој процес.“      

Поранешниот помошник-државен секретар во Стејт департментот Филип Рикер гостува во 360 степени

360°: Во земјава доаѓате на една седмица пред почетокот на кампањата за претседателските, а потоа и на онаа за парламентарните избори. Имајќи го предвид вашето искуство и познавање на регионот, меѓу другото, бевте и американски амбасадор во Скопје, гледате ли напредок во демократската атмосфера и условите за избори во земјава?

Филип Рикер: „Добро е што дојдов пред изборите, не сакам да бидам вмешан во изборниот процес. Мислам дека е одлично што вашиот систем ви дава официјално одреден период за изборите, за разлика од мојата земја каде што изборите траат и траат. Имаме период од 7 месеци до претседателските избори во ноември и веќе наликува како на вечност. Мислам дека ја имате структурата и капацитетот за да одржите фер и демократски избори и тоа е важно. Се надевам дека секој граѓанин ќе ја искористи можноста, но и обврската за сериозно да учествува во претседателските, а потоа и во парламентарните избори. Тоа ќе биде значајно во пишувањето на наредното поглавје на земјата по многуте главно позитивни години од аспект на тоа колку Северна Македонија напредуваше од независноста, распадот на Југославија, навистина е извонредно и на тоа се потсетивме за време на приклучувањето кон НАТО, што беше огромен чекор за земјата.“   

360°: Колку, според вас, се реални стравувањата за странски влијанија во изборниот процес? Колку членството во НАТО е од помош во справувањето со тие можни влијанија?

„НАТО е важна зашто обезбедува сигурност, тоа е најуспешниот одбранбен сојуз во историјата на човештвото“, вели Рикер за значењето на зачленувањето на земјата во Алијансата

Филип Рикер: „Стравувањата за странски влијанија се универзални, нив ги имавме и во САД. Враќајќи се на изборите во 2016… Особено социјалните медиуми и можноста преку нив да се манипулира и да се насочува дебатата, можноста за лажни информации, сега треба да бидеме загрижени околу технологијата, сајбер-прашања, вештачка интелигенција која создава лажни наративи, приказни и видеа. Овие нешта се случуваат и треба да се биде исклучително свесен. Многупати сè се сведува на секој поединец да се замисли и да се праша дали ова е точно или не, и да не заборави дека таму некаде постои вистината и да не се дозволи да се биде вовлечен во овие теории на заговор. Овој дел од светот има голема историја во однос на теориите на заговор и византинско-балканскиот свет. Мислам дека многумина го надминаа ова и затоа образованието е толку важно за луѓето да имаат подобро разбирање на светот. НАТО е важна зашто обезбедува сигурност, тоа е најуспешниот одбранбен сојуз во историјата на човештвото.“

360°: Што мислите дека ќе се случува по изборите од аспект на ЕУ-интеграцијата, чие продолжување зависи од носење на уставните измени? Кога за оваа тема го прашав помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, тој рече: „Јасно е дека има понуда на маса. Некој може да каже дека ќе дојде со подобра понуда. Но, ако не ви каже за што точно станува збор и не ви каже зошто другите би ја прифатиле, само се обидува да ве измами. И се надевам дека гласачите се попаметни од тоа.“

Филип Рикер: „Нема дилеми дека Европа, поточно ЕУ, е местото каде што оваа земја припаѓа и тоа прашање долги години беше дел од процесот. Отсекогаш сум велел дека решението за т.н. македонско прашање, нешто за што речиси два века се зборува во дипломатијата и европските политики и го пишува во учебниците по историја, дури и Бизмарк зборувал дека клучот за стабилноста на Балканот лежи во решавањето на македонското прашање, и вие заедно со сите нас кои ја поддржуваат земјава го имате решението за македонското прашање, а тоа е оваа земја во нејзините граници, демократска, мултиетничка, со добри односи со соседите и целосно интегрирана во евроатланските структури – НАТО и ЕУ. Тоа е патот. Тој беше тежок, честопати разочарувачки, фрустрирачки, а често изгледаше и како нефер, но издржавте зашто граѓаните увидоа дека ова е најдобриот пат, а може наоколу да видите примери. Државите кои сакаа да ѝ се придружат на ЕУ, а секако и на НАТО, вие тоа го направивте, а сега е редот на ЕУ. Не можам да замислам земјата да напредува без да продолжи кон зачленување во ЕУ и мислам дека тоа ќе се случи. По приемот во НАТО и по решавањето на прашањето на името преку склучувањето на Преспанскиот договор, бев многу задоволен и си реков, сега ЕУ е наредниот чекор. Очигледно тоа прашање стана фрустрирачко – промена на гледишта на одредени земји членки на ЕУ, отворено зборував и додека ја извршував функцијата помошник-државен секретар на САД, дека е разочарувачки, нефер и недобро за стабилноста, не само на регионот, туку и на Европа и на нашите трансатлантски односи. Како што помошник-државниот секретар О`Брајан кажа дека американската позиција е да се поддржи евроатлантската интеграција, вклучувајќи го и членството на Северна Македонија во ЕУ. Мислам дека тоа ќе се случи, но треба да останете на патот. Се обидувам да бидам во контакт со луѓе во ЕУ, каде што постои голема поддршка и не мислам дека граѓаните треба да се обесхрабруваат – ако се фокусирате на целта, ќе стигнете таму и ќе завршите нешто што е многу важно за иднината на земјата. Очекувам тоа да го видам во годините што претстојат.“                            

360°: Еден од глобалните фокуси на администрацијата на претседателот Бајден е справување со корупцијата. Каде ја гледате Северна Македонија во овој процес и колку, според вас, американската „црна листа“ е ефикасна алатка?

Филип Рикер: „Видете, тука има корупција и тоа сите го знаат, не е тајна, за тоа сите зборуваат. Јас како амбасадор во Скопје зборував за тоа. Тоа е неприфатливо и, што е најважно, неприфатливо е за граѓаните, тие се фрустрираат и не сум баш сигурен дека сите станаа за да се спротивстават и да кажат дека ова веќе нема да го трпиме. Тоа мора да биде колективна одлука и треба да се навратите на минатите искуства и во името на граѓаните да се побара, нешто што е вообичаено за една демократија, да има промена и сите треба да преземат чекори за искоренување на корупцијата. Ова прашање секогаш е предизвик зашто е дел од човековата природа каде било во светот, но мислам дека може да успеете. Процесот во САД, кога ќе се види некоја ситуација каде било во светот, е во согласност со нашите политики и закони да се применат санкции, всушност тоа е т.н. „црна листа“, при што успеавме да документираме и покажеме дека тоа влијаело на нашите политики и е неприфатливо за САД и тоа го правиме. Станува збор за јавен процес кој не се прави во огромна тајност – неговата намена е да покажеме дека ова е проблем, тоа го објавуваме – овој поединец не е пожелен во САД од тие причини… Тоа е наш начин да го потенцираме она што сметаме дека им нанесува штета на нашите интереси и политики. Мислам дека луѓето овде тоа понекогаш го користат како сигнал што може да го потенцираат, но најважно е што вие правите тука, какви одлуки носите, кого ќе повикате, на пример претставници на судството, на полициските служби да го применуваат законот и владеењето на правото како ’рбетот, не само на одржлива демократија, туку и на промовирањето силна економија, просперитет, можности, и тоа е клучно. Секогаш ќе има фрустрации и предизвици, но мислам, ако ништо друго, оваа земја, нејзините граѓани во текот на генерации научија дека треба да се движат напред, да ги гледаат искуствата од минатото и да увидат што научиле од нив, како да напредуваме без да ги повторуваме истите грешки и притоа да се исполнат цели за да се задоволат потребите на луѓето не само за стабилност и безбедност, туку и за поголем просперитет и можности.“

Извор