По разговорите со гостиварци и штипјани, се добива впечаток дека доминира недоверба во оние инстанци кои треба активно да се борат против корупцијата, а дополнителен проблем е тоа што голем дел од македонските граѓани не се информирани или пак не знаат каде да се обратат за да пријават случај на корупција
„Преку глава ми е од корупцијата“ пишуваше на штандовите во мини-кампот кој во саботата се појави на плоштадот „Слобода“ во Штип. Домаќини беа група организации со различно поле на делување обединети во конзорциумот „Граѓаните против корупцијата“. Нивните претставници, во бели елеци, разговараа со штипјани за тоа дали биле сведоци на корупција, а и каде и како може да ја пријават? И ние поразговаравме со некои од нив.
Ние се осеќаме во оваа држава запоставени, изнемоштени, нема на кој да се пожалиш, никој не те сослушува и не те разбира, никакви права немаме. Се чувствуваме како казнети од Господ.
Дали тие ќе чујат не знам, до ушите нема да им дојде на нив. И да им дојде не го исполнуваат, секој изборен период ветуваат ова ќе биде, она ќе биде и на крајот ништо. Штета, ние сме стари, за вас младите треба да се среди животот, ние полека си одиме.
На еден од штандовите граѓаните имаа можност да разговараат со претставници на медиуми. А можеа да пријават и сомнеж на корупција кој понатаму би се истражил од новинарите.
За помладите имаше и други активности – за тоа како да препознаат и како да се постават кон корупцијата. Пред присутните и пред оние што седеа во кафулето во близина настап имаа група средношколци од Кочани – дел од „Форум Театар“.
Тој вклучуваше показни вежби за борба против корупцијата во реалниот живот, со цел да им ја доближи темата на граѓаните, кои се вклучуваа во дебата со презентерите.
„Форум театарот е жива техника и жив театар каде што публиката се става во една активна позиција со која правиме да бидат активни чинители, да размислуваат активно на проблемот кој го презентиравме денеска односно проблемот со корупција кој воедно е и тема на настанот и да размислуваат со своето влијание и за својот импакт кој може да го направат и за своите постапки доколку направат промена првин кај себе, во своето однесување како и кај секој од нас, секоја индивидуа“,
рече Ристовска.
Од невладиниот Центар за граѓански комуникации изготвиле рангирање на сите општини во земјава според антикорупциската заштита во сите фази од јавните набавки по 32 параметри. Токму домаќинот – Штип, е една од општините со послаб скор.
„Општина Штип, конкретно, троши повеќе од 5 милиони евра годишно на јавни набавки и во нотираните слабости се дека недоволно ги објаснува и образложува потребите за јавната набавка. Нема внатрешни правила како се пресметува проценетата вредност, а исто така е изложена кон одредени фирми со висока концентрација на пари во јавни набавки и нема внатрешни правила за следење на реализацијата на договорите за јавни набавки“,
изјави Герман Филков од Центар за граѓански комуникации.
Иако не учествуваше на настанот, во близина се најде градоначалникот на Штип, Иван Јорданов. Па, го прашавме – што ќе преземе во врска со слабостите?
„Имаме многу аномалии во нашето работење, јас се надевам дека овие аномалии кои се нотирани од страна на граѓаните ќе не насочат и ќе ни го трасираат патот по кој што треба да се движиме. Дефинитивно, треба да се движиме во насока на подобрување на овие состојби затоа што освен проектите кои се реализираат, транспарентноста и начинот на кој се презентираат работите со кои ние секојдневно се соочуваме се исто така наша обврска“,
рече Јорданов.
Интерес кај публиката привлече и дебатата на ученици во која два тима составени од по три члена ги бранеа своите ставови во однос на улогата на истражувачкото новинарство наспроти институциите во борбата против корупцијата.
Настанот кој траеше три часа покажа дека граѓаните како да се отрпнати на сеприсутноста на корупција и дека немаат доволно доверба во институциите поради што и ретко ја пријавуваат.
„Очигледно е дека постои апатијата кај граѓаните за корупцијата и за прашањата поврзани со неа и очигледно е дека бараат лек за борбата против корупцијата, бараат и тие самите начин како да се вклучат во борбата и ја гледаат корупцијата како најголем проблем во општеството, што и самите истражувања на кои претходеше овој настан го покажаа тоа“,
вели Снежана Камиловска од МЦМС.
Камиловска вели дека радува тоа што дел од граѓаните кои дојдоа ги споделија своите проблеми со претставниците на медиумите и тоа што дел јавно, а дел анонимно напишаа пријави за одредени случаи.
Три дена подоцна, карванот се пресели на запад, во Гостивар, во паркот до општината. Околу пладне шаторите ги отворија вратите за посетителите. Балоните, картичките и информативниот материјал беа стандарден декор на штандовите.
За разлика од Штип каде имавме сончев пролетен ден, во Гостивар не пречекаа дожд и студ. Тоа, сепак, не беше пречка за заинтересираните да дојдат и да се вклучат во настанот. Некои од нив прашавме – дали се борат против корупцијата и дали знаат како и каде треба да пријават корупција?
Не, досега не сум пријавил бидејќи не сум имал таков случај, но корупција има многу. Како да се допре, тоа од горе треба да се почне, првин функционерите да се фатат за гуша и овие другите сами ќе се предадат, нема каде да одат.
Сами да не правиме да си даваме пари, да бараме услуги за пари, треба да бараме тоа што треба правилно.
Во разговор со гостиварци добивме впечаток дека доминира недоверба во оние инстанци кои треба активно да се борат против корупцијата.
На судството не, на обвинителството не, иако сум немал проблеми ама не. По ова што гледам на телевизиите што гледам што кажуваат луѓето – 0 доверба.
Ако обвинителството се фаќаат со корупција или со давање мито, некогаш во поранешна Југославија тоа беше најголема казна. Сега или му даваш корупција и му ставаш во џеб исто ти е, и да те видат ништо не преземаат тие.
И Општина Гостивар, како и Општина Штип, не поминува баш најдобро во истражувањето на Центарот на граѓански комуникации. Процесот на јавни набавки нема доволно ниво на заштита од корупција.
„Голем е и уделот на тендери во кои учествува само една фирма што може да зборува за тоа дека всушност техничките спецификации се ограничувачки за учество на поголем број фирми или за загубената доверба на фирмите да учествуваат на тендерите иако тие се транспарентни и јавно огласени, понатаму уште би издвоила како слабост дека немаат јасна дефинирана пракса за да ги образложуваат детално јавните набавки што се смета за уште еден начин да се превенира корупцијата и злоупотребите во понатамошната фаза од тендерските постапки“,
вели Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации.
Имавме можност да разговараме со еден од оние што требаше да учествуваат во неа, кој ни кажа дека кога е во прашање корупцијата, клучни проблеми кај младите се неинформираноста и немањето верба дека токму тие можат да направат промени.
„Би ги охрабрил сите млади да не се плашат пред се, да се информираат добро и да се едуцираат за да можат да препознаат кои се тие елементи на корупција, но и кога ќе ја забележат да ја пријават“,
рече Јашари.
Еден од оние кои стоеја на првата линија за да ги информираат граѓаните беше Миша Поповиќ од Институтот за демократија. Според него, охрабрува фактот што се поголем број граѓани активно земаат учество во борбата против корупцијата.
„Првичната реакција е незадоволност за тоа како институциите работат и всушност на некој начин имаат перцепција дека корупцијата е насекаде, што всушност е и најзначајниот фактор што ја обесхрабрува борбата против корупцијата. Кога граѓаните очекуваат дека таа може да ја доживеат насекаде, тоа ги обесхрабрува и ги прави потиштени“,
вели Поповиќ.
Младинските организации дополнително преку атрактивни инсталации се обидоа да допрат до искуството на граѓаните. Еден од начините беше преку кревање слушалка на телефонот и споделување на сведоштвото на корупција, ако го имале, и на решенија за справување со оваа појава.
Карванот „Преку глава ми е од корупцијата“ денес е во Кичево, а утре во Крива Паланка.