Почнал да гради голем хангар без дозвола и тоа на државно земјиште – добил предупредување од општината да престане, но, наместо тоа, финализирал објект со вкупна површина од 1 250 квадрати, на своја рака. Неделава, Општина Ѓорче Петров го урна дивоизграденото, а градоначалникот Александар Стојкоски вели трошокот ќе му го фактурира на „инвеститорот“. Погледнете го видеото
Шест часот изутрина. На скопската обиколница, во насока кон Тетово, веднаш по исклучувањето за селото Орман, од десната страна по вторпат службено пристигнуваме близу складишта, каде никна и див хангар. За разлика од претходниот пат, сега на локацијата нѐ дочека интервентна полиција. Откако се легитимиравме, нѐ пропуштија да поминеме, а таму затекнавме уривање на дивоградбата.
Станува збор за нелегален објект од вкупно 1 250 квадратни метри. Панелите од кровот се сечеа на лице место и веднаш се товареа во камионот со градежен шут. Проценката на работниците е дека овде дивиот инвеститор попусто фрлил стотици илјади евра.
„360 Степени“ уште пред два месеца објави дека овде, на државно земјиште никнува голем хангар, без одобрение за градба. Тогаш од Општина Ѓорче Петров ни кажаа дека уште кон крајот на декември избрале фирма за уривање на нелегалниот објект, но веќе на 3 јануари добиле надзор од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, што го одложи уривањето на објектот.
Од терен се упативме во канцеларијата на градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојковски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, за да го прашаме – што се случи во меѓувреме и дали Државниот инспекторат се произнесе.
„Беа земени на увид повеќе предмети за коишто во изминатиов период од три месеца, иако повеќепати сме биле во контакт, не се конкретно произнесе, ниту пак законски постои таква опција, самите тие да одземат некаков предмет без согласност од министерот за транспорт и врски. Така што, ние ги испочитувавме сите законски обврски од страна на нашето одделенија за инспекциски работи и овластениот градежен инспектор на Општината Ѓорче Петров и пристапивме кон рушење на дивоградбата, којашто морам да потенцирам дека се наоѓа на државно земјиште, на две парцели, коишто се во приближна вкупна големина од 10 000 метри квадратни.
360֯: Да, но, зошто баш сега, а не да речеме во февруари? Дали сепак му оставивте простор на Државниот инспекторат?
Да, оставивме простор, бидејќи ни треба простор и во делот на оние законски обврски што ги имаме спрема лицето коешто е фактички инвеститор и неговиот правен застапник, сите тие известувања, постапки, сепак е малку пообемна процедура, којашто мораме ние од наша страна да ја запазиме, се со цел да не биде се согласно со законот“,
кажа Стојкоски во интервју за „360 степени“.
Двете узурпиранипарцели се со број 476 и 477 во катастарската општина Орман, покажаа нашите претходни проверки. И двете се на име на државата и, како што може да се види од Катастарот, се протегаат и преку реката Лепенец.
Веднаш под нив е приватен имот на повеќе членови на извесно семејство Фетаи од Тетово. Кој е мистериозниот „инвеститор“ од соседството, кој гради на диво, дознала Општината пред извесен период.
„Инвеститорот преку правен застапник го информираме од страна на Oпштината, лицето коешто се води како инвеститор практично на тој објект, но тоа не ја менува фактичката состојба дека бесправно изградило на државно земјиште, на многу атрактивна локација мора да напоменам, во близина на самата обиколница, објект со приближна од негде 1 100 квадратни метри, хала, не знам за кој понатаму би требала истата да послужи, со придружен обејкт во негова близина и ограда околу целиот тој простор.
360֯: Беше предупреден да го урива сам?
Да, да, да. И покрај сите предупредувања во постапката што ја издадовме видовме дека тој продолжува да гради, не се испочитуваа сите укажувања којшто ги дадовме како општина, продолжи да гради и за жал дојде до тоа што моравме да го направиме.
360֯: И сега кој ќе го плати уривањето?
Па, во принцип треба согласно законот да го покрие тој што е носител на дивоградбата, но ќе видиме сеа понатаму, ќе има дополнителни постапки“,
кажа градоначалниот Стојкоски.
Уривањето на дивиот хангар чини околу 32 илјади евра. Стојковски има образложение зошто токму овој објект се најде прв на листата за отстранување.
„Прво, најголема површина на државно градежно земјиште зафаќа и беше во периодот на мојот мандат. Покрај сите инспекциски постапки коишто ги преземавме од наша страна на наидовме на разбирање и овој чекор е неминовен со цел да укажеме на сите други, јавно укажувам дека сите кои имаат решенија за уривање потребно е да си постапат бидејќи во спротивно, ќе обезбедиме ние максимум средства како општина и ќе постпуваме и во другите вакви случаи.
360֯: Штом има правен застапник, веројатно и полесно ќе биде да се фактурира.
Па, препоставувам, ќе видиме како ќе оди понатаму.
360֯: Градоначалник, дали е ова дел од предизборниот фолклор?
Апсолутно не. Знам дека можеби кај дел од јавноста ќе предизвика такво мислење, но сепак јавноста треба да биде запознаена дека и од наша страна постојат рокови и процедури коишто мораме да ги запазиме, со цел да постапиме, да не избрзаме во постапката, така што, соодветно и на други ситуации што сме ги имале, којшто се припишуваат на предизборниот фолклор, ние мораме да работиме, без разлика дали се избори, предизбори итн“,
вели Стојковски.
„360 степени“ во континуитет известува за дивоградбите кои никнуваат на државно земјиште во Скопје, но ова е редок пример во кој општинската власт решава до крај да го спроведе законот. Што ќе се случува со останатите започнати, но и завршени дивоградби низ главниот град, ќе продолжиме да следиме.