(ВИДЕО) Ги научија ли скопските општини лекциите за штедење од енергетската криза?

Кога е во прашање ставката за јавно осветлување во сметките за електрична енергија која ја плаќа секое домаќинство и секоја фирма, очекувањето е дека за тие пари се добиваат осветлени улици. За време на енергетската криза голем број од општините престанаа да ја испорачуваат оваа услуга или ја испорачуваа само делумно, и покрај тоа што граѓаните продолжија да плаќаат. „360 степени” излезе на терен да провери – дали и натаму на некои места во главниот град се гаснат сијалиците по полноќ. Погледнете ја сторијата

Кога експлодира цената на електричната енергија на берзите во 2022 година, многу општини решија да го намалат, па и повремено да го исклучуваат јавното осветлување.

Додека не најдеме друг начин, мораме да продолжиме со ова“,

рече градоначалникот на о. Центар, Горан Герасимовски во 2022 г.

Но, додека Скопје тонеше во мрак, од граѓаните и фирмите и натаму се бараше да го плаќаат истиот износ за услугата улично осветлување и покрај тоа што сите не ја добиваа подеднакво. Цените на електричната енергија на берзите, во меѓувреме, се намалија. Па излеговме на терен за да провериме – дали се врати и услугата која никогаш и не престана да се наплаќа?

Крајот на 2022 година го врати Скопје во „мрачните времиња“. Општините, како големи потрошувачи, купуваат електрична енергија според берзански цени, па кога цената на струјата скокна неколкукратно, не останаа многу решенија. Некои локални власти решија целосно да го гасат уличното осветлување, други ја гасеа секоја втора сијалица. Година и пол по врвот на енергетската криза, во доцните ноќни часови, тргнавме во обиколка по скопските улици за да видиме како изгледа градот сега.

Околу 22 часот, прво бевме во обиколка на главните артерии на градот – булеварите се осветлени од заоѓањето на сонцето па до раните утрински часови. Некогашните препознатливи жолти светилки одамна се заменети со штедливите ЛЕД-сијалици, а билбордите му даваат дополнителна светлина на асфалтот.

Но, задачата што си ја поставивме беше да направиме обиколка низ сите скопски општини, дури и онаму каде што многумина би помислиле дека светлата не би работеле – и во урбаните, но и во помалку урбанизираните средини. А пред да ја правиме обиколката, прашавме во сите 10 скопски општини – што направиле во меѓувреме. Еве што ни кажаа од Кисела Вода.

Во фаза сме на изготвување на физибилити студија која ќе даде темелна анализа за тоа каков тип на осветлување, со колкава моќност и осветленост се потребни за секоја од улиците со цел да се изврши целосна замена на уличното осветлување со ЛЕД-осветлување, без да се губи квалитетот на добиената услуга. Очекувањата се дека заштедата во киловат-часови би била околу 50 до 70 проценти“,

одговорија од Кисела Вода.

Кисела Вода, инаку, беше единствената скопска општина која лани и преклани не воведе никакви мерки, бранејќи го правото на граѓаните. Па, затоа, не зачуди отсуството на светло на една споредна улица со повеќе станбени објекти и куќи. Од општината ни одговорија и дека замениле 350 светилки со ЛЕД-штедливи светла. Но, на такви, не наидовме.

Дека мерките за штедење се далечно минато и за Ѓорче Петров посведочија булеварите и споредните улици во општината. Тука се задржавме до полноќ, оти пред година и половина, токму на полноќ се гаснеше и јавното осветлување. Сега, веќе не е така. Улиците останаа осветлени за малиот број граѓани кои поминуваа со автомобили. Па, дури и празните паркови и детските игралишта.

Оттука тргнавме кон уште една општина која ни одговори на претходно поставените прашања – Сарај.

Во општина Сарај сите светилки се заменети со нови ЛЕД-штедливи светла кои се гаснат и вклучуваат со помош на автоматски систем. Иако претходно, во време на кризата, светлата се гаснеа по полноќ, сега тие светат во текот на целата ноќ“,

ни одговорија од ЈКП „Сарај“.

Нашата посета на Сарај ги потврди наводите на јавното комунално претпријатие. А покрај светлото од уличните светилки, Сарај во овој период е дополнително осветлен поради месецот Рамазан. Во општината со доминантно муслиманско население, до доцна работат поголемиот број дуќани и кафулиња.

Од Сарај, тргнавме за Шуто Оризари, уште една од општините кои нè удостоија со одговор.

На територија на цела општина поставивме ЛЕД-светилки, а исто така инсталиравме и смарт онлајн систем за кој потрошивме околу 2 000 евра. Ова решение е многу евтино, а ефикасно, и заштедите кои ги правиме по овој основ остануваат во општинската каса наместо да ги дадеме на фирма која би го одржувала системот“,

ни кажаа од Шуто Оризари.

Со спроведувањето на мерките во кризата, општината, според градоначалникот, заштедила околу 50% на сметките за електрична енергија. Но, сега се штеди со штедливи светилки, без да се гаси ниту една – од влезот на Шуто Оризари па до споредните сокаци. Од самрак – до зори. Нашето полноќно возење потоа го продолживме низ Чаир, Бутел, Гази Баба. Не наидовме на рестрикции од каков било вид.

Во Општина Центар, пак, отидовме на местото каде што за време на енергетската криза регистриравме како светлата се вклучуваа еден час откако ќе се стемни, а подоцна работеа преку едно. Сега, на улицата „Орце Николов“ и генерално во општината е поинаку.

Највисока сметка којашто стигнала во 2022 г., кога беше и многу висока берзанската цена на киловат-час, беше 6 000 548 денари, за во 2023, месец август, сметката ни е 1 000 422, и овој месец очекувам истата да биде уште пониска. Ние како општина, како и сите останати, баравме начин како да се справуваме со оваа криза“,

вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

И во Центар, енергетската криза ја поттикнала општинската администрација да размислува за долгорочни решенија. Поучени од потешкотиите со кои се соочуваа, Герасимовски вели дека Центар, од една страна, ќе троши помалку струја преку ЛЕД-светилки, а од друга, и ќе продава електрична енергија.

Од самата криза произлегоа овие неколку долгорочни проекти кои ќе заштедуваат електрична енергија и ќе допринесуваат до збогатување на буџетот со самото производство. Со овие ЛЕД-светилки, односно со самата криза нè поттикна на овие два големи проекти кои ги реализира општината и се во завршна фаза, т. е. во почетна фаза за поставување на фотоволтаици, а за неколку месеци ќе имаме поставено ЛЕД-светилки низ целата општина“,

вели Герасимовски.

Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар

И во Аеродром сега нема рестрикции. По полноќ, свети и на места каде што не се очекува да помине човек. За време на кризата, Општината Аеродром заедно со уште дваесетина други општини во државава, најде „креативен“ начин како да се справи со високите цени на електрична енергија. Локалната самоуправа формира ново претпријатие и на него го префрли јавното осветлување, на тој начин што ги исполнуваа условите да се снабдуваат со далеку поевтината субвенционирана струја за домаќинства, наместо да купуваат од берза.

Владата тогаш изврши притисок ЕВН да ги врати општините на слободен пазар, но во Аеродром тоа не успеало. Не само што не се вратиле на слободен пазар, туку планираат развој.

Имаше тогаш некои аргументи кои немаа никаква правна фундираност, мислам дека се работеше повеќе за политика, односно за жал имаше некоја фрустрација во централната власт како општините најдоа креативен начин да заштедат средства. Тие средства, на крајот на денот, не се лични на градоначалниците или на Советот, тоа се средства на граѓаните кои успеавме да ги заштедиме и продолживме да функционираме на таков начин и немаше правна основа тоа што Владата го правеше. Тие јавни претпријатија функционираа и ќе продолжат да функционираат во наредниот период“,

кажа градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.

Тимчо Муцунски, градоначалник на Општина Аеродром

Делумно поради јавното претпријатие, а делумно поради мерките за штедење, Општината Аеродром за време на енергетската криза успеала да заштеди околу 228 илјади евра. Но, Муцунски вели – простор за подобрување има преку проектот Смарт Аеродром.

Eдна од првите работи кои ги утврдив беа дека општината ги има едни од најзастарените системи на јавно осветлување сигурно во целиот регион. Има над 7 000 сијалични места, дел од нив сè уште беа живини сијалици, замислете колку е тој прастар модел на јавно осветлување и сега скокаме неколку фази кои би биле типични за една општина, меѓу другото Смарт Аеродром подразбира и целосна модернизација не само на ЛЕД-светилки туку и на смарт светилки кои ќе бидат контролирани од еден интегриран систем“,

вели Муцунски.

И Аеродром, како и Центар, планира да штеди на струја и со производство на електрична енергија. Или, сè на сè, од 10-те скопски општини кои ги прашавме, половината одговорија дека сега, ем штедат ем целата општина им е осветлена. Иако Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел и Гази Баба не ни одговорија, и без одговор личи дека лекцијата е научена.

Извор