Kвалитетот на македонските филмови оди нагоре

„Имаме неверојатна продукција оваа година. На ревијата на македонски филмови ‘Златна рамка’, која ќе се одржи по шести пат, ќе се прави отчет на сработеното. Има дури 20 филмови од кои пет долгометражни играни филмови. Тоа е неверојатна бројка за нас“ рече новинарката Ана Василевска во утринската програма на „Слободен печат“ во соработка со „Трн.мк“.

Таа додаде дека квалитетот на македонските филмови оди нагоре и дека улогите на македонските актери може да се споредуваат со европските или американските актери.

„Треба да се создадат само услови за да се работи во континуитет“ рече Василевска и додаде дека изминатите седум години македонската кинематографија бележи вртоглав раст.

Василевска објасни како оди номинацијата од земјава за кандидат за филм кој би можел да биде номиниран за Оскар за најдобар странски филм и кажа дека секоја држава предлага по еден.

„Друштвото на филмски работници избира кој од тековната година од македонските филмови ќе биде конкурент за кандидат за номинација за Оскар. Оваа година тоа беше ‘Домаќинство за почетници’. Извонреден филм, за кој сметав дека повеќе ќе се приближи“ рече Василевска.

Таа додаде дека гледајќи ги номинациите за странски најдобар филм, смета дека со малку повеќе вложување во продукцијата и дизајнот, оваа приказна и режија ќе беше неверојатно блиску до номинација.

Таа додаде дека нејзин фаворит на Оскарите е филмот „Анатомија на падот“, бидејќи на генијален и оригинален начин го дисецира интимниот однос меѓу двајца луѓе.

„Филмот се голта и уште од првата сцена ве вовлекува и не може да излезете до самиот крај. Генијален филм, улога која е неповторлива“ рече Василевска.

Новинарката додаде дека иако филмот „Анатомија на падот“ не е директно феминистички, има женска нишка која се прострујува низ него. За разлика од него, пофеминистички се „Барби“ и „Pure Things“.

„Барби доби големо внимание и беше потребен и сработен на еден шармантен начин. Слушам дека помладата публика го добива тој впечаток што треба да го добие, а тоа е доволно во овој миг“ рече Василевска.

- Реклама -