„Занаду“ е млад бенд од Скопје, коj не верува во жанровски ограничувања, а на музиката гледа како слобода за канализирање на моментална емоција, импулс и енергија. Слободното течење и храброто пливање низ жанрови, ритмови и фреквенции се начини на кој се обидуваат да го пронајдат звукот коj најдобро ги дефинира. Формирани се во 2021 година, а веќе во 2022 година го обjавуваат своjот деби сингл „Навика”, за подоцна истата година во етер да го пуштат и нивниот деби албум „Соништа” предводен од истоимениот сингл и синглот „Зборувај, замижи, побегни”. „Занаду“ се еден од најмладите состави на „Гола Планина Колектив“. Тие пркосат со својата младешка енергија против сите ограничувања и догми и како што велат се трудат на музиката да и дадат слободен тек. Нивната цел е да бидат подобри од што биле вчера и да стигнат подалеку од сите пред нив. Сакаат да бидат токму тоа тектонско движење во општеството кое ќе предизвика и многу поголеми бранови
Tрн: Од каде името Занаду? Баш не интересира таа приказна.
Занаду: Општото значење на “Занаду” е нијанса на зелена боја, која е веројатно најдобар избор од палетата и најдобро ја колорифицира нашата музика. А за нас, значи слобода, значи чист воздух и поглед во очи.
Tрн: Како настана бендот?
Занаду: Во средношколските денови, создавањето на бенд освен желба, беше и потреба. Нашата реакција во третиот Њутнов закон беше во форма на желба за погласно зборување и бидување дел од нешто поголемо од идејата за себе. Тогаш повеќето од членовите на бендот за прв пат се запознавме. Се трудиме да останеме свесни за среќата што ја имаме и по три години да сме истата четворка која ја започна авантурата, а сигурни сме дека ќе биде истата барем и до крајот на столетиево.
Tрн: Кои се вашите влијанија, што слушавте и што највеќе слушате од тие влијанија во вашата музика?
Занаду: Искрено, уште немаме сретнато музика која би можеле да речеме дека е жанровски блиску до нашата музика, која е амалгам од многу жанрови, што се должи и на различните вкусови на музика кои проминираат во бендот. Единствено што се трудиме е да и дадеме слободен тек, а ние да сме тие кои го одредуваат текот и го ограничуваат неговото корито.
Tрн: Работите на втор албум кој би требало да се појави до крајот на 2024. Што е поразлично сега (музички, лично, било како) во однос на времето кога се работеше првиот албум?
Занаду: Првиот албум беше импулс, брз и многу искрен. Навидум, без концепт и идеја како би изгледал во просторот. Беше жарче кое несигурно гореше неплашејќи се од поројни дождови искреност. Сега полека се разгорува во оган, кој го добива својот облик и форма, и кој ќе успее да го стопли студот во коските од ладните зими кои сме ги преживеале или ни биле пренесени трансгенерациски.
Tрн: Вие сте дел од оној фамозен двоен, ма троен македонски нов музички бран, кој буквално ја заплисна сцената по ковид епидемијата. Што мислите која е причината за вака масовен прилив на квалитетни бендови кај нас во последно време?
Занаду: Доволен е еден позитивен пример за да се родат уште неколку, од кои секој ќе претставува искра за неколку повеќе. Среќни сме што и ние бевме повлечени од брегот при формирање на еден од неколкуте бранови. А причината, веројатно е истата: кажување на се што имаме да кажеме на начин на кој нас ни се допаѓа…и дружба.
Tрн: Гола Планина колективот е обединувачки фактор на младата рокенрол сцена. Ако не се лажам и вие сте дел од тоа. Како гледате на ова здружување?
Занаду: Пробуваме да замижиме пред сите негативни примери до сега, и да изградиме нешто заедно. Уморни од борбите против сами себе си, бидејќи целта е да бидеме подобри од што бевме вчера и да стигнеме подалеку од оние пред нас. Сакаме да сме тектонско движење кое ќе предизвика и многу поголеми бранови.
Tрн: Што очекувате од 8 ми март, од „Силата ЕУ Младите“ и тоа што делите стејџ со популарните Артан Лили?
Занаду: Во принцип сме против очекувања, бидејќи искуството ни покажало дека кога не сме очекувале, најдобро сме си поминале. Сепак, веруваме дека 8ми ќе е црвен од љубов и син од среќа. Сигурни сме дека ќе е една „заборавна” вечер со многу „незаборавни” моменти.