Собранието ја заврши расправата по финансискиот план на РКЕ, ќе се гласа дополнително

Собранието попладнево ја заврши расправата за Предлог на финансиски план на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија за 2024 година.

Дебатата ја вжештија репликите помеѓу пратеникот Љупчо Пренџов од СПМ, претседателот на РКЕ Марко Бислимовски и пратеничката од СДСМ Снежана Калевска Ванчева.

Пренџов обвини дека договорот со Митилинеос ќе претствува грабеж на македонските граѓани доколку се реализира, бидејќи државата и дава посебни услови и ќе треба да купува до 30 проценти поскапа струја во наредните 30 години.

-Вие заедно со Битиќи сте главните протагонисти за кражбата на деценијата во Македонија наречена Митилинеос. Вие г. Бислимовски се доведовте во ситуација Крешник Бектеши од ДУИ јавно да каже – дека е премогу ова со Митилинеос. Затоа што пред да дојде Митилинеос вашите другари од Владата му дадоа 20 милиони евра најубаво земјиште во Гази Баба, потоа уште 50 милиони евра за да почне да градиш. Па потоа овие пријавуваат дека 290 милиони евра ќе чини таа инвестиција, а сите професори во Македонија кажуваат дека 160 МГВ чини 180 милиони точно 110 милиони повеќе и браните во јавност случај во кој што државата треба во наредни 30 години да откупува електрична и топлинска енергија по цена поскапа од 15 до 30 отсто од берзите, рече меѓу другото Пренџов, најавувајќи целосна проверка на работата на РКЕ по изборите.

Тој упати и на според него прекршување на членот 8а од Изборниот законик бидејќи, како што вели за оваа инвестиција се расправа во услови на распишани избори.

Реплицираше претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски кој повтори дека ќе бара истите услови кои што важат за Митилинеос и за Акуа да важат и за сите македонски компании.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

-Да видиме дали е тоа лошо или е добро. По која цена, која сака македонската компанија вклучувајќи го и ЕСМ е отворен предлог до Стопанска комора на Македонија, рече Бислимовски.

Калевска Ванчева му реплицираше на Пренџов дека не му се допаѓа ништо што е базирано на емпирија, на истражување, на закон, на стратегија, и го обивини за популизам и ароганција.

-Вие сте најдобрите, вие знаете дали е добар одреден закон, одреден договор, кој е штетен, а при тоа ниту еднаш не слушнавме во што е штетноста. Друго вие треба добро да знаете што претставува регулаторното тело, кои се надлежностите како се бираат и престанок на мандатот на тоа тело. Но вие не сакате за тоа да говорите затоа што сте под таков натплив на популизам, таков налет дека ќе дојдете (на власт). Причекајте до 8 мај, па тогаш ќе видиме, не мора толку жестоко да се расправаме и навредуваме, рече Калеска Ванчева.

Во однос на членот 8а од Изборниот законик таа посочи дека со него во никој случај не се ограничува работа на Собранието во услови кога тоа не е распуштено, и на носење на закони.

На седницата помина и Предлогот на одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија за 2024 година, а за двете точки ќе се гласа дополнително

По завршувањето на 135 седница, поминаа две точки од 138 седница. 

- Реклама -