Марш за женски права, организиран од ПлатформатА за родова еднаквост ќе се одржи на Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, 8 март (петок). Оваа година маршот е под слоганот: „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање!“, со почеток во 17:00ч. на Плоштадот Скендербег.
„Осма година по ред маршираме за да потсетиме дека женските права се важни, секој ден, во секој сегмент од живеењето. Во период кога се водат интензивни политички, економски и социјални преговори, потсетуваме дека правата на жените не се за преговарање! Повлекуваме црвени линии за нашите здравствени, образовни, работнички, културни, политички и економски права“, истакнуваат од Платформа за родова еднаквост
Барањата се: загарантирани еднакви права и можности – еднаков пристап до здравствени услуги без да биде загрозена нашата автономија, достапност на бесплатни гинеколошки прегледи во секој град и во секое населено место, менструални и хигиенски продукти, достојни болнички услови и лекарска експертиза, еднакви плати за иста работа, вклученост во донесувањето на одлуки, безбедност на работното место, вреднување на неплатениот домашен труд, живот без насилство – физичко и дигитално, безбедност во јавниот и приватниот простор, фер и непристрасно институционално постапување, независност и сигурност – во сите сегменти од живеењето.
Затоа, ве повикуваме да марширате заедно со нас и заедно да кренеме глас за женските права и црвените линии кои не смеат да се преминат, заклучуваат организаторите.