Во Музејот на современа уметност викендов беше поставена самостојна изложба на светски познатиот уметник Јонас Стал – „Станица Пропаганда“ во организација на Факултетот за работи што не се учат. Холандскиот уметник, кој е специјален гостин на музејот е препознатлив по истражување на односот помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата, а неодамна ја доби и престижната награда за визуелни уметности „Prix de Rome“. Кураторка на изложбата е Ивана Васева.
Изложбата вели тој, ќе им даде на луѓето алатки за да развијат писменост на тема пропаганда, а дел од изложбата е програма наречена Школо за пропаганда и тоа школо навлегува детално во улогата на пропагандата во нејзиниот контекст. Значи улогата на пропагандата е одиграна во контекст на Македонија и особено поврзана со проектот Скопје 2014.
Тој ја разбира програмата за антиквизација како конструирање историја која претходно не се случила и потенцира дека се конструира идејата дека претходно имало историја и тоа е техника која постои во сите реакционерни и националистички пропаганди.
На прашањето дали солидарноста може да се сфати како пропаганда, тој одговара: „Можеш да пропагираш солидарност, само што пропагндата е лош назив, бидејќи ја поврзуваме со техники на манипулација и притисок, но пропагандата има долга историја и во еманципаторските движења, потоа важноста на пропагандата во либерализација на црнците, во раните социјалистички движења, во феминистичките движења, еколошки движења, така што јас верувам дека пропагандата за солидарност, пропагирањето на светска солидарност и еднаквост е исто така дел од еманципаторската пропаганда. Така што да, пропагандата и солидарноста можат да коегзистираат“.