„Чудна случка со кучето во ноќта“ утревечер во Драмскиот Театар во Скопје

Утревечер во Драмскиот театар во Скопје, со почеток во 20:00 часот ќе биде изведена претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, а во режија на Зоја Бузалковска.

Превод: Благоја Бошковски Буцко
Драматург: Александра Бошковска
Сценограф: Константин Трпеноски
3D Mapping видео дизајн: Osama Almughanni
Костимограф: Елена Вангеловска и Раде Василев
Авторска музика: Давид Ангелевски
Кореографија и free running техника: Симон Симоновски
Асистент на режија: Димче Николовски
Асистент на сценографија: Марија Мукоска

Улоги: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева – Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески, Нела Павловска.

Инспициент: Гоце Бојчев
Суфлер: Даница Илиева

Драмскиот текст „Чудна случка со кучето во ноќта“ (The Curious Incident of the Dog in the Night-Time) од Сајмон Стивенс е всушност адаптација на популарниот, истоимен роман на Марк Хадон од 2003 година. Овој роман освои 17 престижни награди, Меѓу кои и Whitebread Award. Адаптацијата е напишана во 2012 година и со успех изведена прво во Националниот театар во Лондон. Сместена во Свиндон и Лондон, приказната се однесува на 15-годишниот Кристофер Џон Френсис Бун, математички гениј, кој има неспецифицирано нарушување од аутистичен спектар. Кристофер треба да разреши една мистерија. Некој го убил соседското куче со вила и Кристофер е осомничен, па условно ослободен. Сакајќи да открие кој го убил Велингтон и одејќи спротивно на желбите и заповедите на татко му, Кристофер започнува истрага за убиството на кучето, поставувајќи му прашања и запишувајќи ги своите постапки и сознанија во книга. Кристофер има Аспагер синдром (кој припаѓа на фамилијата аутистични нарушувања) и никогаш претходно самиот не отишол подалеку од крајот на улицата, но детективската работа го носи во опасно патување кое го распаѓа целиот негов дотогаш познат свет. Космосот на оној кој „не може да лаже“ (што е во дефиницијата на неговата состојба) е тектонски изместен од сознанието дека е жртва на лагите на родителот, најблиските, единствената вистинска потпора, изворот на доверба и сигурност. Драмата темелно го преработува изворниот материјал. Наместо раскажувањето во прво лице како што е во романот, драмскиот текст претставува комбинација на односи и агли, од гледна точка на самиот Кристофер Бун, но и сите оние кои доаѓаат во допир со неговата книга или се дел од неа – неговата професорка, неговиот татко, неговата мајка… Резултатот е драма – во – драма. Она што „Чудна случка со кучето во ноќта“ ја прави возбудлив материјал за работа е темата што ја отвора овој текст. Тоа е светот на Кристофер, светот на „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „исмеаниот“, „потценетиот“. Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно. Во таа смисла, претставата ќе има и едукативно – воспитна функција и ќе може да ја одреди за една од своите целни групи и младата тинејџерска публика. Од друга страна, пак, жанрот на црната комедија и на моменти сурово остриот, иако бескрајно духовит, јазик, ја носат пред се во вечерните термини и ја усложнуваат нејзината улога.

- Реклама -