Три неверојатни, но вистински приказни на Влада Урошевиќ

Приказна со прстенот и таинствениот прашок

Дали можеби има некоја приказна поврзана со прстенот кој го носи Влада?

„Прстенот е од Авганистан. Во времињата кога почнаа сите тие историски несреќи со Авганистан, со разни инвазии, многу авганстанци избегаа во Европа и многу дојдоа во Париз, така што во еден миг во Париз имаше многу старинарници во кои можеа да се купат стари предмети од Авганистан. Мене ова ми е подарок, јас го избрав. Интересен ми е затоа што ахатот е од Кина и цртежот е изгледа на кинески мајстор, тоа е коњ кои прескокнува преку планини. Сребрениот опков околу е типична исламаска уметност на средна Азија. Ова е спој на две цивилизации прстен. Ми беше преголем, барав да се стесни. Го однесов тука кај еден мајстор во стара чаршија во Скопје. Добро рече мајсторот ама ако го стеснувам ќе биде изложен на висока температура и може да пукне ахатот. Што е излезот, прашувам. Ќе го извадиме ахатот, тоа е. Ама сакам ти да седиш тука за да видиш дека се сум направил за да излезе добро. Седнав покрај него, почна да работи, кога го извади ахатот, имаше едно капаче мало сребрено и од под капачето почна да тече еден бел прашок и тој истече и стана едно купче бел прашок пред нас. Мајсторот ме прашува што е ова, а јас велам од кај да знам. Може да биде некоја дрога, може да биде и некој отров. Ниту јас, ниту мајсторот се осмеливме да го лизнеме. Се мислевме што да му правиме, каде да го однесеме да го испитаат прашакот и на крајот го фрливме.“

Песната што му донесе милионска публика на Влада Урошевиќ

„Најголем успех за мене е една ситуација која ќе ви ја раскажам, а се случи во Париз. Некаде околу 89, 90 година ми доаѓаат двајца наши сликари кои биле во Париз и ме среќаваат на улица  и ми велат дека моето име е по целото париско метро. Ај реков сега, хм, и веднаш се сетив на она од каубојските филмови, фотографија и долу пишува СЕ БАРА( хахахха) Им реков, да не сте згрешиле, не не, велат тие, си пишува Влада Урошевиќ, Македонија. Што беше ги прашувам напишано, рекоа некаква песна. Немам начин да дознаам што може тоа да биде. Имав еден пријател постар од мене во Париз и му реков слушај ми кажаа дека моја песна имало во метро, еј рече во Управата на метрото има некој чиновник за некои културни дејности, тој одбира песни и која песна ќе му се допадне, се отпечатува во неколку стотици илјади примероци, се облепуваат сите вагони на железницата и таа песна патува еден месец. После ставаат друга. Ја нашле мојата песна некаде „Крај на летото“, преведена на француски. Тоа значи дека ако секој десетти патник ја прочитал, тоа се десет милиони читатели. Во тој момент се почувствував како да сум парижанец и бев најгорд и најсреќен. Тоа е мојот најголем успех!“

Седумте куќи од кои морал да се исели Влада Урошевиќ

Во неговиот последен роман куќата е посебен лик, а Влада вели дека во тој лик има и дел од него. „Кога сме кај куќата, јас мислам дека куќата е вистинската главна личнст во романот и зазема многу значајно место во мојот роман ‘Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополски, за куќата покрај Вардар и четирите прстени’. Мене многу ме поттикнува на размислување и сеќавања, затоа што во многу куќи сум живеел ама за жал од сите сум морал да се иселам да бегам.  Едно време мислев да напишам книга, документарен роман кој ќе се викаше Седумте куќи од кои морав да се иселам, тоа е една долга приказна која го зафаќа периодот на Втората светска војна. За мене куќата многу значи, јас сум се врзувал за некои куќи ама за жал сум морал да ги напуштам. Во таква куќа, како што е опишана во романот, не сум живеел баш, ама сум живеел во необични куќи, залутани куќи кои секако ми биле некаква инспирација во моето творештво.

Не сум живеел покрај река, ама секогаш ме привлекувале тие куќи што стојат покрај река, тече река, тече времето и тие се поврзани на еден друг начин со природата, порано така мислев а и сега дека сигурно станува збор за чудаци или некои посебни луѓе кои живеат во такви куќи. Но, сигурно дека некои од куќите покрај Варадр ми оставиле впечаток, можеби нешто има од нив во книгата“.

- Реклама -