(ВИДЕО) Дваесет години од смртта на претседателот Трајковски – кој беше и што ни остави

На 26 февруари навршуваат дваесет години од смртта на претседателот Бори Трајковски. Сè уште се живи контроверзиите за причините и околностите во кои се случи падот на владиниот кингер со кој државната делегација предводена од Трајковски патуваше на настан во Мостар, Босна и Херцеговина. И додека црвот на сомневањата ќе продолжи да глода по официјалната верзија за тоа што се случи кобното утро кај Ротимље, дваесет години се доволна дистанца за да се даде оценка за политичкото наследство што го остави Борис Трајковски, особено во денешен контекст. Погледнете го видеото

Роден во методистичко семејство, правник, сопруг на Вилма, татко на Сара и Стефан. Како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ стана втор шеф на македонската држава. Човек и политичар чија водилка беше – верата.

„Тој припаѓаше на друга црква. Меѓутоа, со сите сили се бореше за признавање на МПЦ“,

вели Стево Пендаровски, советник за национална безбедност на Трајковски.

Надвор величан, дома потценуван. Борис Трајковски ја водеше државата во тежок период. Понесе и голем товар за мировниот процес во 2001 година.

„Би рекол Трајковски беше пред времето и затоа одредени политичари и кругови го критикуваа“,

сведочи Зоран Јолевски, шеф на кабинетот на Трајковски.

Животот го загуби во авионска несреќа патувајќи на меѓународна конференција во Мостар.

Не ми се верува вака дека се 20 години од таа трагедија. Мислам дека е општо прифатен факт дека во Борис Трајковски имавме татко на нацијата“,

додава Никола Димитров, советник за национална безбедност на Трајковски.

Споменик на Борис Трајковски во Градскиот парк во Струмица. Се состои од ликот на Борис Трајковски и жена која држи крст со венец. Ова уметничко дело според авторот Григориј Потоцки ја симболизира љубовта на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски кон својата татковина и христијанството

Како непишано правило, нашето општество осознава и признава величини главно откако ќе заминат од овој свет. Таков е и случајот со Борис Трајковски, втор по ред претседател во независна Македонија кој трагично загина во 2004 година, во авионска несреќа во Босна и Херцеговина. Дваесет години подоцна, во неговата родна Струмица, проверивме колку граѓаните го паметат човекот кој во 1999 година стана претседател велејќи – верувам во Македонија.

„Аоо…како него не се раѓа човек во Македонија.“

„Зборови немам за него, камо да се и другите како него.“

„Добар како човек, добар како претседател. Немам зборови за него.“

„Може ли да кажам нешто лошо за прв комшија – нема шанса. Сè нај, нај.“

„Иако беше на висока функција, сакаше да ја посетува Струмица и беше многу слободен кога доаѓаше тука. Се дружеше со луѓето буквално од секој ранг.“

велат неговите сограѓани.

За помладите, генерално тој е непознаница.

360°: Се сеќавате ли кој беше Борис Трајковски?

Не. Не.“  

 „Дали знаете кој е Борис Трајковски?

Не.“

„Знаете ли кој е Борис Трајковски?

Да, претседател на Македонија.“

„Претседател на Република Македонија?“

360°: Дали знаете кој беше Борис Трајковски?

Не.

„Да, ама не знам баш.

„Да, ама не и да го кажам, да го објаснам.

360°: Претседател на Република Македонија, струмичанец.

Добро.“

велат помладите струмичани.

Во Скопје, неговиот втор дом, го паметат и сограѓаните Албанци, главно повозрасни.

„Претседател на Македонија.“

„Македонија никогаш немаше подобар претседател од Борис Трајковски.“

„Мирен, добар човек беше, он беше добар претседател, од овие другите најдобриот што го знае Македонија да го има.“

За Борис Трајковски на големо се слушна уште пред да стане шеф на државата. Претходно краток период беше заменик-министер за надворешни работи и тоа во екот на косовската бегалска криза. Тогаш ја даде изјавата која го вивна кон врвовите во политиката.

Косовска бегалска криза

„Слушам на Си-ен-ен дека стално кружи една, да не кажам за мене и увредлива констатација дека ова е срам за Македонија. Ова е срам за меѓународната заедница. Никој од вас не прашува кои се проблемите на оваа влада и на оваа држава. Многу убаво вие следите од далеку, од Шведска ги следите настаните. Јас ќе ви предложам нешто конкретно. Пратете сто авиони на македонскиот аеродром, пренесете ги во Стокхолм“,

кажа Трајковски во екот на бегалската криза.

Борис Трајковски – заменик министер за надворешни работи (11.05.1999)

Ставот на Трајковски ја разбуди меѓународната заедница.

„Со поддршка на американската армија се креваат тие 8, 9, 10 центри за собирање на бегалците. Затоа што преходно, луѓево не разбираа дека ние како држава со сиромашни ресурси е невозможно да вдомиме, на врвот на кризата со бегалците, околу 220 илјади бегалци имавме во еден момент, а севкупно околу 360 илјади бегалци престојуваа во тие три месеци кај нас, таа бројка е во тој момент 17 проценти од тогашната македонска популација, што е товар кој една Америка или не знам која држава може да го поднесе. Значи, мислам дека има употребна вредност таа негова изјава, иако во некои кругови тогаш им зазвучи грубо“,

вели Пендаровски.

Стево Пендаровски – советник за национална безбедност на Трајковски

Во 1999 година Борис Трајковски беше промовиран во канидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата.

„Мојот слоган како што можевте да видите е верувам во Македонија, затоа што така од срце чувствувам и во мене длабоко е тоа вткаено, затоа што јас тука сум роден, тукасум пораснат, тука се школував. Ја сакам мојата родина, мојата татковина Република Макеоднија, најповеќе од сè. А, најповеќе од сè зошто и верувам на Македонија, најголемата причина е моето семејство, моите две деца, мојата сопруга и затоа сакам на сите семејства во Република Македонија, да им изградиме една просперитетна, стабилна и добра иднина“,

кажа Трајковски од позиција кандидат за претседател на Македонија.

Од шестемина кандидати, во вториот изборен круг Трајковски успеа да го победи социјалдемократот Тито Петковски, со помош и на гласачите Албанци.

„Ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитет, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија“,

кажа веќе избраниот претседател Трајковски.

Свечена заклетва на веќе избраниот претседател Трајковски во Собранието на Република Македонија. Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Трајковски формира круг на соработници – не по партиска директива, туку по сопствена проценка.

„Претседателот Трајковски беше голем патриот, којшто ја сакаше својата татковина Македонија и народот. Тој беше политичар којшто работеше со голема енергија и беше како личност со огромна енергија и по цел ден беше во неговиот кабинет. Ќе дојдеше сабајле некаде во 9 часот и нормално навечер 9:20, 10, 11 си одеше“,

вели Јолевски.

Тогашните канцеларии на Претседателот беа во зградата на македонското собрание. Имаше нетипична близина во односот со соработниците, сведочат тие.

„На двата краја беше мојата канцеларија и неговиот кабинет и знаеше често да дојде кај мене, посебно кога немаше состаноци, на муабет. Во една прилика доаѓа – паметам, седнува на една од фотелјите, вели што правиш, јас пишував говор за некој негов следен настап и бев на компјутер и воопшто не приметив дека тој почнал да ми јаде од ѓеврекот кој го имав купено од мензата во Собрание. Јас го гледам, му велам – претседателе, очигледно сте многу гладен сабајлево. Вели, извини, али стварно сум гладен. И ми вели, може ли да го испијам и јогуртот, може викам кога веќе сте почнале, назад ли да ве враќам, не е можно. Завршува со тоа, си заминува, не поминаа 5 минути, доаѓаат двајца келнери од бифето во Собрание и ми носат ручек во кој има меса, чуда, јадење, пиење, како за 10 души. Ми јавува по телефон, ова ти е компензација затоа што ти го изедов ручекот. Настани такви имаше многу“,

се присети Пендаровски.

Трајковски и Пендаровски

Беше скромен, велат неговите сораборници, а скромноста го следела и на службените патувања.

„Не му се даваа, тоа беа службени пари, не му се даваа, обично во Обединетите Нации кога одевме се сместувавме во еден хотел веднаш до мисијата наша и не му се даваа пари за мини-барот, не знам кисела вода, кола-кола обично пиеше и го праќаше обезбедувањето да купи од мини-маркетче едно блискo тука преку прва авенија, значи го имаше тоа многу, што вака од денешна перспектива е неспоредливо“,

вели Димитров.

Трајковски со делегација на посета на Белата куќа

На претседателот Трајковски му беше важен народот, ќе кажат неговите соработници. Најмалку еднаш месечно посетувал по еден град во државава, се среќавал со градоначалници, влегувал во болници и во училишта. Секогаш одел во пазарен ден, за да има шанса да се сретне со што поголем број сограѓани.

„Бевме во Велес, на пазарот, таму претседателот се сретнуваше со луѓето, разговараше, ги прашуваше кои им се проблемите, како може да им се помогне. И имаше една пазарџија кој изгледа бил од другата политичка опција и викна ‘УА’. И знаете, претседателот Трајковски беше крупен, голем човек, се сврте и тргна на кај него. И човеков се стаписа кога виде дека оди Трајковски. Кога се прибилижи Трајковски, се сврте кон обезбедување и кон нас и рече – седете вие настрана. Седна на гајба до пазарџијата, разговараа петнаесетина минути, не знам што разговараа, меѓутоа на крајот на средбата се прегрнаа, се поздравија како најдобри другари. Тоа е претседателот Трајковски“,

сведочи Јолевски.

Од неформалните средби на Трајковски

На претседателот на малата Македонија му успеваше да се зближи и со најголемите светски лидери. За време на една од посетите на Белата куќа, Трајковски и американскиот претседател Џорџ Буш, кој е исто така методист, се повлекле насамо на заедничка молитва.

„Двата претседатела се договорија да се повлечат во една соба одма до Белата куќа и заедно да се помолат на Бога, и после тоа може да сметате каква беше атмосферата на средбата, помина во одлична атмосфера, траеше двојно подолго отколку што беше планирано. На крајот на средбата претседателот Буш не прошета низ градината на розите којашто е одма до Овалната соба. Тоа е претседателот Трајковски како човек“,

додава Јолевски.

Зоран Јолевски – шеф на кабинетот на Трајковски

„На Прашкиот самит на НАТО 2002, година ноември, имаше главни панели, ние сме кандидати тогаш, не сме членки, и секој си има посебни панели на кои учествува, тоа е на два спрата една зграда во тоа време во Прага и поминува низ ходникот, ние чекаме да севидиме со Лорд Робенсон, поминува американската делегација на чело со Буш, која оди на друга билатерална средба и Борис му свирна, баш со уста и „Хеј, Џорџ!“ му викна. И овој се врати назад, цела свита обезбедување, бидејќи тие не го знаат кој е Борис Tрајковски, а Буш го знае. И он му вика кај си пријателе, брате, и почнаа да се гушкаат и да разговараат меѓу себе и тоа е прилично необичен начин на американскиот претседател да му свирнеш на улица или во ходник и тој да се врати“,

кажа Пендаровски.

И не е само близината со американскиот претседател Буш.

„За нашата надворешно-политичка тежина како земја, многу е важен личниот контакт. И тој имаше така, знаеше ќе добие некоја идеја или некој ќе му донесе идеја, ќе направи регионален собир, ќе ги собере сите од Балканот. Многу често телефонски разговори со Колин Пауел, тогашниот државен-секретар, којшто подоцна кога станав македонски амбасадор во Вашингтон, кога ќе ме видеше викаше како ми е пријателот – свештеникот? Блиски односи со претседателот на Полска, на Украина, премиерот на Норвешка, многу, многу…“

вели Димитров.

Трајковски го пречекува Колин Пауел во Скопје на неговата прва официјална тура на Балаканот 12.04.2001 ФOTO: EPA/GEORGI LIKOVSKI

Претседателот будеше интерес и кај нашите иселеници, како на пример, за време на неговата прва официјална посета на Сараево, Босна и Херцеговина кога еше поканет и влезе да проба алва во слаткарница.

2001-та носи неизвесност за меѓуетничките односи во Македонија. Претседателот е на крстосница – дали да постапи како верник или како врховен командант. Од една страна расте притисокот од граѓаните – да не се преговара.

„Точно е дека Тетово е македонски град и никој нема да го земе. И ќе остане македонски град. И сите повторно треба да се вратиме да живеемезаедно  со нашите пријатели било кој да бил, дали Албанец, Турчин, Влав, Србин или Македонец. Ве молам, повикајте се на разумот и трезвеноста. А јас верувам тие денеска што најмногу викаат, тие по се да бидат повикани ќе бегаат веднаш во своите домови“,

кажа Трајковски во март 2001.

Борис Трајковкси – претседател на Република Македонија

Од друга страна, се интензивираат посетите на претставниците на меѓународната заедница и повиците за политичко решение на конфликтот.

„Со Солана, кога беше околу преамбулата околу Уставот имавме план за да покаже до каде може, до каде ни е црвената линија, он практично го избрка од канцеларија, му рече готово, излези, завршен е состанокот, ама бидејќи знаевме каков е влогот, штом излезе Солана мене ми рече сега трчај по него, враќај го. Фати го него на 200, на 300 метра, ама да помине извесно време, да не го вратиш веднаш, 2-3 минути да види дека допрел кајшто не може да се оди“,

се сеќава Димитров.

Пресвртна точка во конфликтот е 13 август 2001. Претседателот Трајковски,  заедно со лидерите на тогашните најголеми политички партии и специјалните претставници на ЕУ и на САД става потпис на Охридскиот рамковен договор што е вовед во запирање на крвопролевањата.

Ајде Господ нека ни е напомош. И Алах, да, кажа Трајковски при потпишувањето на Договорот. ФОТО: EPA/ VLATKO PERKOVSKI/MIA POOL

„Се гледа една типична искреност за него, па и ова со Господ да ни е напомош, значи што имплицира – имплицира свест колку е голема работа, надеж да излезе кон добро, да биде поголем плусот од минусот од Рамковниот договор“,

оценува Димитров.

Никола Димитров – советник за национална безбедност на Трајковски

„Во својот мандат, Борис Трајковски немаше напакостено никому лично, ниту политички, ниту пак направи штета врз националните интереси на Македонија. Рамковниот договор за кој тој се смета како неформален татко да речам, бидејќи под негово покровителство се водеа сите тие разговори, еве 23 година од потпишувањето на тој документ, до денес не ја растури Македонија“,

додава Пендаровски.

Неговата големина ја признаваат и политичкиот блок на Албанците.

„Ќе биде многу добро да му се признаат заслугите, но најважното – за сите граѓани, за сите јавни личности, за сите политичари во државата. Кој и да им падне на памет да направат нешто – да мислат што правеше претседателот Трајковски во најтешките моменти на нашата држава. Он си работеше само за мирот, ништо друго не го интересираше. Второ што му беше важно, беше државата и мислам дека во неговото време он успеа да се наметне како историја на нашата заедничка судбина, а тоа е Македонија“,

кажал Мендух Тачи за претседателот Трајковски.

Мендух Тачи

На 26 февруари 2004 година, владиниот авион „кингер“ со претседателот Борис Трајковски, шестчлена делегација и двајца пилоти не стигна до Мостар. По 24 часа потрага стигнува потврда за смртта.

Македонија се збогува со шефот на државата.

„Борис Трајковски беше човек што знае да ислуша, да даде, но и да прими совет од секого. Да згреши, но и да признае грешка и да се извини и секогаш, секогаш подготвен да простува на оние што ќе му згрешат“,

кажа Никола Груевски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ на погребот на Трајковски.

„Во овие изминати 4 години и приликите, но и оваа проклета професија наречена политика наложија во истовреме да станеме и пријатели и противници. И да соработуваме и да се критикуваме, но она што со сигурност го знам, е дека во сите клучни моменти при донесување на најтешките одлуки за иднината на нашата држава, секогаш бевме заедно, на иста страна, полесно разбирајќи се меѓусебно отколку дури и со своите сопартијци“,

рече на погребот на Трајковски тогашниот премиер Бранко Црвенковски.

Од погребот на Трајковски. ФОТО: EPA/SRDJAN SUKI

Контроверзиите околу авионската несреќа продолжуваат до денес.

Живо е и прашањето – како човекот кој важеше дека е пред своето време, би се поставил во актуелнава политичка ситуација?

„Он мислам дека ќе имаше многу важна улога и како поранешен претседател и во овие агонии со францускиот предлог, маката со Бугарија, мислам на пример дека немаше да го потпише Указот за прогласување на законот за измените на Кривичниот законик, па макар си ги срушил односите со владејачките партии. Ќе се консултираше со едни експерти, со други, со трета група експерти и на крај сам со себе ќе измени, така што фали малку таа вистина и тој интегритет да се стои на принцип и како општество тоа ни недостасува, треба да го бараме. И исто имаше, знаеше да дава признание на луѓе, тоа што нему му се случи, меѓутоа отпосле, по загинувањето, по смртта“,

вели Димитров.

„Генерално, можам да ви кажам дека би бил крајно разочаран пред се од неможноста од клучните политички актери во државава да ги преминуваат партиските поделби“,

оценува Пендаровски.

„Неговото искуство, неговите пријателства со светските лидери, секако дека би ни биле од огромна корист за државата. Таа мрежа на пријатели е многу значајна и тоа што Трајковски за релативно краток период успеа да направи е огромно богатство. За жал, погина, и тоа богатство со него државата го изгуби“,

заклучува Јолевски.

Извор