Во Скопје постојат неколку скулптури на мечиња. За четири од нив се знае дека датираат од 1959 година. Поставени се на различни локации и кој и да помине покрај нив не може да остане рамнодушен, затоа што секако измамуваат насмевка и фотографија.
Првото и најпознатото мече
Најпознато мече е она во Градскиот парк, кое што се наоѓа во првиот дел на паркот, позади Кермес, помеѓу некогашните Езерца и Кермес. Поставено е 1959 година од страна на студентите учениците од трета година средно уметничко училиште во класата на професорот и уметникот Димо Тодоровски. Мечињата се изведени од бетон, во четири познати примероци во училишната работилница на чело со Блаже Јовевски. За познатата икона на Градскиот парк со сигурност се знае дека на ова слатко мече јавале безброј деца од градот и е најчестата скулптура во фамилијарните албуми на скопјани.
Една урбана легенда која им ја раскажувале на децата родени осумдесетите и деведесетите години на минатиот век се состои од тоа што дека се верувало дека мечето ноќе се буди и се дружи со животните од Градскиот парк: неколку ежиња, кртови и верверици.
Оваа легенда е запишана и во „Здраво Скопје“, една од книгите чувари на спомените на Скопје. Промоцијата на оваа книга се случуваше пред неколку години токму кај мечето, кое има посебно место во животот и во албумите на многу генерации деца, а и возрасни граѓани кои поминале оттаму.
Второто мече
Второто мече е денеска поставено во дворот на Кинотека, односно клонот на градската библиотека Другарче. Ова мече претходно било некогаш поставено во дворот на некогашната градска библиотека Другарче која се наоѓала на раскрсниците помеѓу улиците Наум Наумовски Борче и Булевар ЈНА, или поточно кај некогашно Кингбургер и кафеаната Кај Маршалот. Таа била детската библиотека и тука стоело мечето се до земјотресот, до 1963 година.
Третото мече
Третото мече е поставено во Црниче во двор на приватна куќа во близина на МВР на улица Димитар Митрев, каде што е главниот влез на МВР. Тоа мече е подарок на уметникот Димо Тодоровски на тогашниот сопственик, извесен Арсов.
Четвртото мече
Има уште едно мече кое се наоѓа на приватен имот, и тоа во дворот на куќата на Гане Тодоровски. Некогаш тоа било отворен простор, меѓутоа откако им дозволиле градските власти своевремено да си ги заградат дворовите, мечето потпаѓа во дворот на семејна куќа во Тафталиџе.
Мечињата во дворот на градинката 13 ноември во Скопје
Има и други мечиња во Скопје, кои што се во различна позиција и различна обработка. Две од нив се наоѓаат во градинката 13 ноември во Буњаковец во непосредна близина на средно уметничко училиште, па може да се претпостави дека се од таму и тие.
Мечето донација од Норвешкиот црвен крст
Уште едно мече кое е споменик на донацијата од 20 куќи од Норвешкиот црвен крст по земјотресот во 1963 година, акција предводена од Тордол Столтенберг почесниот граѓанин на Скопје, кој ја координирал не само помошта на Норвешкиот црвен крст, туку целата скандинавска помош во Скопје.
Мечето во Зоолошката градина во Штип
„Интересно е што во Зоолошката градина во Штип има мече кое наликува многу на овие од Скопје, затоа што има иста позиција и иста големина“, вели Никола Наумоски од Бруталиск кој во логото на овој мултимедијален центар има мече.
Зошто баш мече?
Мечето е универзална детска икона на игра, на среќа па затоа соодветно се поставувало и на такви локации. А во тој период, 50 тите и 60 тите години на минатиот век цртаните филмови, детските филмови како содржини немале егзотични животни туку карактеристични биле мечките, мајмуните.
Емотивната врска на луѓето со мечето во Градски парк Скопје
Воодушевува колку луѓето се емотивно поврзани со мечето во Градски парк. Генерации и генерации се имаат фотографирано покрај мечето во Градски парк, токму затоа луѓето често на социјалните мрежи пишуваат:
- Еј мислев дека ова е само мое мече
- Три генерации од семејството имаме фотографија со истото мече
- Секој ден во парк морав да идам да го јавам мечето
- Од 68 до 73 година секоја недела шетавме во паркот и секогаш завршувавме кај мечето со фотографирање
- Колку сме се сликале на ова мече! Секое одење во парк и мораше да се направи некоја фотка „КАЈ МЕЧЕТО“.
И сите тие деца, возрасни луѓе си мислеле дека имале своја интимна врска со таа скулптура, а всушност сите истото го правеле, оделе, шетале во паркот, ќе видат убава скулптура што ќе ги насмее, децата ќе посакаат да го јавнат, и тоа било тоа.
Кој треба да се грижи за овие бетонски мечиња?
За мечето во Градскиот парк, треба да се грижи јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, а во дворот на Кинотека би требало да биде повторно град Скопје како институција.
Самото тоа што се направени од бетон и се толку тешки, практично се неуништливи, токму затоа опстоиле повеќе од половина век.
Култното мече во Градскиот парк е дел од урбаната култура на Скопје и симбол на едни времиња кога децата се радуваа на многу едноставни работи.