Нема опасност за македонскиот јазик, има здрава основа и континуиран развој

Трн: Слушнав дека работите на нова книга за Блаже Конески. Што би содржела таа што досега не е публикувано?

Вера: Тоа што сте го чуле е вистина, меѓутоа сето тоа е во разработка, зашто е нужна подолгорочна работа. Јас сум пишувала повеќе статии, книги за Блаже Конески, но сега, по годината посветена на Конески, кога видов прекрасни дела, статии, реферати, книги кои му се посветени по толку години, еден толку голем број трудови што ми оставија силен впечаток, и кога проследив сѐ што е напишано, видов дека тоа е огромна литература, нешто што го немав доживено до денес. И тогаш ми дојде една идеја – пошироката публика, луѓето кои можеби не се занимаваат со Блаже Конески, треба да го знаат тоа мноштво објавени трудови, и целосно и посебно. Ако се разгледаат сите текстови, ќе се види дека нудат многу интересен материјал, интересен дури и за мене, што со години сум се занимавала со Конески. Постои еден предизвик сето тоа да се прибере, да се резимира и да се претстави пред луѓето кои можеби немаат толку голем интерес, но ќе го стекнат тој интерес откога би ја виделе книгата.

Трн: Ликот на Блаже Конески извршил големо влијание врз вас и вашата работа. Како се случи толку да ви го обземе вниманието за да му посветите неколку дела, многу статии и трудови?

Вера: Уште како ученичка во основното образование ме привлече поезијата на Блаже Конески, и тоа како со магнетна сила, а потоа и неговата проза, а подоцна сѐ што ќе прочитав за промоциите негови, за големиот одѕив што го добиваа неговите песни кај учениците, авторите итн. А во гимназија опсесивно ме освои со своите размислувања, со своите искажувања, па почнав да ги следам сите текстови што беа напишани за него. Но најчудно ми е сознанието што го добив во годината кога се ослободи Македонија, кога стана рамноправна членка во југословенската заедница, во таа година кога се случија многу значајни работи кои мене како млада ученичка ме заинтригираа, кои и ги разбирав и не ги разбирав доволно, меѓутоа подоцна, после долгото искуство во мојата работа, сфатив една многу важна работа. Дојдов до сознание дека до 1944 година сите важни најстари ракописи се приклучени во разни написи кај други народи, во бугaрските, во српските, во руските, а не се знаеше за суштината на македонските ракописи. А замислете, во 1944 година Блаже Конески  е млад дипломиран студент кој се занимава со оваа проблематика, ги проучува ракописите, дава основа кои се тие ракописи што се карактеристични за македонскиот развој, за македонската наука и за сите нас. И тогаш сфатив колкаво знаење се крие во него  за да може од сите словенски, старословенски ракописи да ги издвои македонските кои дотогаш се сметаа за бугарски, за српски, за руски итн. Тој ги изделува. При изучувањето на тие ракописи доаѓа до значителни сознанија кои до ден-денес се важни.

Бил студент и во Србија и во Бугарија, па од двете средини успеал да извлече што е на високо научно ниво од суштинско значење за Македонија, бидејќи набргу стана јасно дека македонскиот јазик не е дијалект ниту од српскиот ниту од бугарскиот,  дека е самостоен јазик. Блаже Конески со својот придонес – и со кодификацијата на јазикот, и со пишувањето на македонската граматика и на историјата на македонскиот јазик – ги дал основите многу млад, кога бил штотуку дипломиран човек. Тој ги даде суштините, длабочините на македонскиот јазик, на македонската граматика, на македонската книжевност.

Трн: Каква улога одиграа предавањата и студентите во вашиот живот?

Вера: Можам да кажам дека во животот сум многу задоволна што целиот свој работен век го употребив за предавања, за контакти со студентите. Ги сакав студентите и сакав да им пренесам основни сознанија. Се стремев од сето тоа што го предавав, една суштина, едно резиме да им влезе во главите. Се трудев кај студентот да остане една суштина.

Трн: Се изненадив најмногу кога…

Вера: Најмногу бев изненадена кога од цела Југославија бев избрана да бидам гостин во САД, во  минатиот век. САД секоја година канеа по тројца гости од секоја држава од светот: еден научник, еден уметник и еден политичар. Јас како научник бев избрана да бидам гостин во Вашингтон, и бев просто фрапирана. Ги организирав сè уште незапочнатите македонистички разговори со кои беа запознати и работеа сите републики во Југославија, само Македонија уште не беше почната. Ама јас успеав да ги организирам и тоа беше за мене еден врвен успех и за двете држави кои комуницираа на тој план.

Трн: Дали за богомилството е доволно истражено кај нас?

Вера: Уште бев млада студентка кога почнав да се интерсирам за богомилството и дојдов до сите материјали до кои дошол и Кочо Рацин, кој навистина многу посветено ги проучувал. Рацин уште тогаш, пред да завршри војната, барал да се формира една научна група која ќе ги истражува локалитетите на кои живееле богомилите, планинските пештери, многу се застапувал за тоа и многу верувал во тоа. Кочо Рацин, кој не бил високо образован, толку многу навлегол во богомилите што јас почнав да ги проучувам преку неговите сознанија кои понатаму ги проширив. Не можев да се начудам дека не го прифатиле во тоа време предлогот на Рацин да се формира научна група која ќе ги проучува тие работи на теренот на Македонија, па почнав јас да се занимавам со тоа. Колку што можев како асистент, со сите свои сили инсистирав кај одредени луѓе кои добро ги познаваа тие богомилски општини, да се продолжи идејата на Кочо Рацин, да се формира таа научна група. За жал, десетина години не успеав и јас како и Кочо Рацин да направам нешто повеќе. Меѓутоа, се формира Меѓународен научен симпозиум за богомилството на ниво на Југославија. Во Белград беше донесена одлука симпозиумот да се одржи во МАНУ, во Македонија. И тоа се случи. По иницијатива на тогашниот претседател на МАНУ, ги здруживме силите со Драгољуб Драгојловиќ од Белград, кој исто така ја истражувал оваа проблематика и заедно со него напишавме книга на таа тема – „Развојот на богомилството во Македонија“. Бевме задоволни со изданието на таа книга и желбата после толку години ми се исполни.

Фотографија: Жарко Трајанвски

Трн: Добитничка сте на многу награди и признанија. Дали може да издвоите кои се најзначајни за вас и за вашиот научен и професорски ангажман?

Вера: Ги имам добиено сите наши награди, кои ми предизвикуваа посебно задоволство. Сите награди ми биле значајни, дури и најмалата пофалница, затоа што со нив се признава вложениот труд. Меѓутоа од моментите кога се добиваат наградите, би издвоила два примера што изненадуват и што ги знае секој кој го доживеал тоа со мене.

Во Битола бев ученичка во седмо или осмо одделение кога се организираше настанот за избор на најдобар ученик од сите училишта. Тој ден беше навистина важен и се празнуваше, се собиравме сите училишта, ученици и професори, па се истакнуваа најдобрите ученици. Една година за време на оваа манифестација, од школскиот одбор излегоа на бина наставниците и рекоа дека нема да се истакнуваат најдобрите ученици, туку дека ќе се прогласи дете на годината. Сите бевме зачудени, како од една толку голема Битола, од толку многу школи ќе може да се избере само едно дете на годината на Битола. И погодувавме. Се стаписав кога го истакнаа моето име, не знам како стигнав до бината. Моите другарки просто ме истуркаа, затоа што во мене настана некој револт, некое незадоволство дека јас ќе бидам дете на годината, мене ми дојдоа солзи. Се расплакав додека да дојдам до бината, затоа што мислев дека јас не сум најдоброто дете, дека има толку многу добри деца во Битола што треба да го заземат тоа место. Понатаму настапи еден срам кај мене, како ќе се појавам пред тие деца со кои се дружам. Тоа го доживеав како голем пораз, затоа што сметав дека не сум јас тоа дете што треба да биде наградено. По многу години, во 2003, на Универзитетот во Колумбос ми се случи да доживеам слично негодување, иако веќе возрасна професорка на универзитет. Водев група за американско-македонски славистички македонистички разговори. Три дена останавме на Колумбос, многу добро беше изведена нашата конференција, добивме дури и пофалница, а вечерта имаше голема прослава на која се избираше славист на годината на Америка. Секоја година различен. И  ние бевме поканети на таа свечена вечера. И на вечерата слушнав дека нема повеќе да наградуваат само американски слависти, туку од целиот свет, секоја година различно. И еве, велат, сега почнуваме со таа практика, ја молиме професорката од Македонија Вера Стојчевска-Антиќ да ја прими наградата за оваа наша нова идеја. Тогаш го доживеав истото чувство што го имав како дете во Битола – како може од илјадници професори од целиот свет, од толку многу слависти од кои сум учела, токму јас да бидам избраната? Сметав дека има толку многу добри професори кои можеа да бидат на моето место. Макар што тоа за мене значеше многу, и сега се прашувам како бев избрана токму јас и кој ме избра меѓу толку луѓе.

Трн: Која е вашата дефиниција за зборот?

Вера: Зборот за мене е големо создание, духовно, тој не е физикус, но ги содржи сите компоненти на една широчина – човечка и духовна, историска, јазична и фолклористичка, соодветно на теренот каде што настанувала со големи особености. ЗБОРОТ МОЖЕ ДА БИДЕ ЧОВЕК, МОЖЕ ДА БИДЕ КНИГА, ДА БИДЕ НАВИСТИНА ГОЛЕМА УМСТВЕНА ЧОВЕЧКА СПОСОБНОСТ. Јас уште во гимназија уживав да ги запишувам и да ги собирам битолските нелитературни зборови, и турцизмите, и грцизмите, кои ме приближуваа на некој начин до изнаоѓањето на нови зборови. Сета разновидност од говорот ме привлекуваше и јас одамна сум поврзана со големината, со величественоста на зборот.

Насловна фотографија: Жарко Трајановски

- Реклама -