На 23 февруари, петок, во Лабораториум ќе се одржи претставата „Се случи еднаш во Женева“, во режија на Кристијан Атанасов, со актерите Јана Вељановска и Лазар Христов.
„Се случи еднаш во Женева“, е направена според драмата „Прошетка низ шумата“ од Ли Блесинг и е детално проучување на едно уникатно пријателство кое се развива непосредно пред крајот на Студената војна. Скриени во шумите на Женева, претставата ги следи средбите помеѓу Андреј Ботвиник, искусниот советски дипломат и Џоун Ханимен, помладата амбициозна Американка и горд преговарач. Зад маската на државни претставници овие исклучителни поединци во чии раце навидум лежи судбината на светот, се во постојана лична криза. Низ справувањето со заканата од нуклеарните арсенали на Големите сили се разоткриваат шемите и нечовечноста на актерите зад политичките ѕидови. Затекнати во различен момент од животот и кариерата, ликовите водат и специфични битки, а во процесот завршуваат соголени од сите индивидуални улоги и се ставени на кантар на кој се мери нивната човечност.
„Се случи еднаш во Женева“ анализира како личноста треба да влијае врз професијата, особено кога професионалното однесување го подразбира опстанокот на нечија иднина. Начинот на кој се моделира општеството е секогаш преку учеството на личностите и оние кои дејствуваат во него. Зад ѕидот на јавните личности, овие дипломати изнедруваат огромни грижи и стравови врзани за тоа што го работат, како цена за нивната кариера, иако нивните мотиви се искрени.
Режија: Кристијан Атанасов
Играат:
Јана Вељановска
Лазар Христов
Фото: Ана Павловска
Идеја за сценографија: Ненад Тонкин – Студио КР7