(ВИДЕО) Кога наместо место на сигурност, домот се претвора во пекол

Околу илјада жители на земјава годишно добиваат кривични пријави за семејно насилство. Најголемиот дел од нив се мажи. Податоците покажуваат дека расте бројот на ваквите случаи

Казнената политика неодамна беше заострена, па за очекување е да растат казните кои ги досудуваат судовите за семејно насилство. Сепак, клучното прашање е – што треба да се промени за системот да го спречи семејното насилство пред тоа да доведе до сериозни последици

Дом. Синоним за место кое е топло и безбедно, засолниште за еден човек. Но, за многу жени домот е синоним за грч и страв. За секој кажан збор, за секоја постапка – преиспитување дали ќе го налути, дали ќе го изнервира.

Таква била реалноста речиси шест години и за оваа млада жена, која трпела различни облици на насилство во бракот. На почетокот, тортурата била повеќе психолошка.

Знаци имаше отсекогаш, меѓутоа тоа се оние прикриени црвени знаменца што обично не ги гледаме. Насилството започна кога тој веќе почнува да се чувствува сигурен дека нема каде да бегаш, дека тој има контрола над тебе, започнува и со физичкото насилство,“

вели Ирена Димоска, жртва на семејно насилство.

Физичкото насилство значело тупаници, штипење и влечење за коса.

Во мојот случај најтешка форма ми беше дупната глава. Меѓутоа, не сум била со скршеници. За среќа, успевал да се исконтролира до толку. Обично повредите се случувале на места каде што не се гледа и често било тргање за коса, меѓутоа после тоа тргање за коса со денови те боли глава. Последниот пат пресудно беше што добив закани по живот. Тој ги кажува заканите со таква омраза, едноставно веруваш дека е спремен на тоа,“

додава Димоска.

Ирена Димоска

Димоска вели дека имала неколку обиди да го пријави сопругот за насилство, но од различни причини не успевала.

Јас во оние афекти кога се случувало насилство сум сакала многу пати да се јавам во полиција, меѓутоа тој ми го одземал телефонот. Сега после тоа откако помина потешко е да се решиш. Не е секогаш проблем заради институциите, последно на нив сум помислила како ќе пријавам, туку како ќе биде во општеството тоа прифатено. Па, срамот, жените многу често чувствуваат срам, како тоа сум била јас жртва на насилство, па се трудиш да го прикриеш тоа обично,“

раскажува таа.

Кога конечно се охрабрила и собрала медицинска документација за повредите, Ирена пријавила и во полиција и во Центарот за социјални работи во местото каде што живее. Процесот потоа не бил лесен – си заминала од домот со децата, а истовремено почнала и постапка за развод.

Забрана за приближување доби дури подоцна откако јас тужев приватно со свои сопствени средства. Таа забрана треба да биде пратена од центарот за социјални работи, меѓутоа не знам зошто тоа не се третира како итно. Можеби две недели треба да чекаш да дојдеш до центарот за социјални работи, па тие да пуштат тужба. Меѓутоа кога стигнав таму доживеав напад од вработените. Ми извадија изјава  – ‘Не ти одговара да пријавиш, тој ќе ти се налути, вие сега уште треба да контактирате за децата’. А јас не ни знам. Ја потпишав таа изјава, а тоа всушност било дека нема да водат постапка за мерки на заштита,“

сведочи Димоска.

Сето ова се случувало пред околу три години. Димоска сега веќе е разведена и е една од неколкуте илјадници жени кои се охрабриле да го пријават семејното насилство.

Според статистиката на МВР, минатата година се регистрирани околу 1 100 кривични дела во врска со семејно насилство. Споредбено со претходните години, се забележува многу благ пораст на бројот на вакви дела. И тој тренд, за полицијата е сигнал дека жртвите повеќе се охрабруваат да пријават.

Ние постојано работиме на обука на полициските службеници за да се примаат соодветно тие пријави и околу постапувањето, а постојано се трудиме и на располагање да имаме и жени полициски службеници, затоа што кога жената е жртва на семејно насилство, многу полесно комуницира со жена -полицаец. Ги работиме сите овие работи за да можеме да овозможиме услови да ги стимулираме граѓаните, односно жртвите, да ги пријавуваат настаните, затоа што клучно за да се справиме со семејното насилство е пријавувањето на насилниците,“

потенцира портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Но, додека во 2023 година, на пример, се регистрирани 1082 кривични дела, од областа на семејното насилство се регистирани и 5 300 полаки. Тоа значи дека семејното насилство е далеку пораспространето отколку што сугерираат само бројките за кривични дела.

Тони Ангеловски, МВР

Проблем е, додаваат од МВР, што жртвите често ги повлекуваат пријавите по само неколку дена.

На тој начин, нели, поради разни изговори, му се овозможува на насилникот да остане неказнет. Не, не смееме тоа да го правиме, мораме, кога веќе е пријавен случајот, да се остане на пријавата и оној што направил насилство, соодветно да биде санкциониран,“

додава Ангеловски.

Во полициските билтени речиси секој ден има по некоја пријава за семејно, но и за родово базирано насилство. Последните неколку случаи кои завршија со убиство, дополнително ја вонземирија јавноста и повторно го вклучија алармот – дали може да се превенираат навреме?

Од невладините организации постојано апелираат – институциите да не занемаруваат ниту една пријава за семејно или родово базирано насилство.

Ние во Македонија се уште имаме фемициди кои се должат директно на нечија непосмисленост, на нечија ниска свест кога станува збор за родовото базирано насилство, на непреземање дејствија во моментот кога ќе се регистрира случајот. Повеќето од случаите кои сме ги истражувале на фемициди, сме увиделе дека тој случај бил пријавуван. За тој случај била запознаена дурии блиската средина на жртвата и МВР и Центарот за социјални работи, меѓутоа не се преземале мерките кои требало да се преземат,“

вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Уранија Пировска, Хелсиншки комитет за човекови права

МВР се уште не води посебна статистика за фемициди, но во последните четири години, како што информираат од полицијата, регистрирани се 20 убиства на жени.

Спротивно на тврдењето на граѓанскиот сектор, дополнителната заменик-министерка за труд и социјала Јованка Тренчевска вели дека за најголем дел од убиствата претходно немало пријави во службите.

Најчесто фемицидите, ако проверите во билтените на МВР или во центрите за социјални работа, немаат ниту една пријава. Значи останале во домот и центрите ниту стручните служби не можеле да превенираат да не дојде до убиство за жал на жените од близок член на семејството“,

вели дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Според неа, неосновани се обвинувањата кон вработените во центрите за социјална работа. Во соработка со други институции, интензивно се преземаат мерки за секоја пријава, уверува Тренчевска.

Не би рекла дека центарот нема капацитет, а граѓанските организации имаат капацитет. Далеку од тоа дека немаат капацитет и токму овој протокол за соработка е да се здружат силите и капацитетите и на центрите и на граѓанскиот сектор да можеме да ја дадеме неопходната поддршка на секој еден граѓанин – жена , дете ,маж, ако се најде во улога на жртва,“

смета Тренчевска.

Јованка Тренчевска, Министерство за труд и социјална политика

Иако надлежните институции директно не признаваат пропусти, во најава е софтвер кој треба да помогне насилниците да не му се протнуваат на системот. Од Труд и социјала велат дека компјутерската програма на која се работи ќе ги вмрежи податоците од повеќе институции за секоја поедничена пријава или поплака за семејно насилство.

Така, ќе се има и појасен профил за насилниците, а и полесно ќе може да се следи – дали има евентуално непостапување од некоја институција и ако да, од која: полицијата, центарот за социјални работи, обвинителството или судот.

Според податоците за првите три квартали на 2023 година, МВР има регистрирано 841 кривично дело од областа на семејното насилство. Обвинителството, пак, примило 833 пријави во истиот период, што говори за добра комуникација меѓу двете институции. Од тие пријави, до крајот на септември се поднесени 308 обвиненија, што треба да сугерира на ажурно постапување на обвинителството.

Судовите немаат збирни податоци, па побаравме бројки од оној со најмногу вакви предмети – Кривичниот суд Скопје.

Податоците покажуваат дека во првите три квартали во 2023 година, што вклучува предмети и од претходни година, имало правосилни пресуди за 120 случаи, од кои во само 26 е досудена затворска казна. Иако процентот на пресуди со казна затвор од 22% изгледа низок, тоа е сепак повеќе од пред само неколку години. Во 2020 година, на пример, за цела година имало само 78 правосилни пресуди, од кои 13, односно околу 17%, биле со казна затвор.

Извесно е дека во блиска иднина ќе се заострат казните за семејно насилство, бидејќи пред само една година се заострија и одредбите во Кривичниот законик. Но, за сето тоа да функционира, клучно е жртвата да се охрабри да го пријави насилството, како што на крај постапила Ирена Димоска.

Излегов секако посилна, иако имаше тешки моменти бидејќи насилството не застанува кога ќе излезеш од бракот. Има еден долг период на постсепарациона злоупотреба. Можеби тоа не е физичко, но имате психичко малтретирање- закани, финансиски… Две години можеби не можев да кренам глава после разводот. Меѓутоа во никој случај не си помислив дека ова не требаше да го направам и дека ќе беше подобро, затоа што непроценливо е чувството што го имате после тоа“,

порачува Ирена Димоска.

Извор