Џон Илија Апелгрен заедно со Националниот џез оркестар во Операта одржа концерто со хитовите на Френк Синатра. Овој концерт, изведен на денот на вљубените е втор концерт на џезерите под новото име, откако добија многу позитивни критики за претходниот во јануари, насловен „Џез нова“.
Апелгрен вели дека го одбрал Френк Синатра затоа што е најголемата американска поп и џез икона како пејач на 20 век и сѐ уште еден од најголемите и најпопуларни пејачи во светот на поп и џез музиката.
Картите за концертот биле распродадени за многу брзо време и тоа е она што го радува Апелгрен, затоа што тоа укажува на фактот дека има многу луѓе што сакаат да уживаат во звукот на Биг Бенд и на композициите од Френк Синатра.
„The best is yet to come“ му е омилена песна од репертоарот на Синатра, а значајна е затоа што е последна во живо изведена песна од него.
„Гледав да композициите што ќе ги изведувам, да одговораат на Биг Бенд, значи требаше да бидат поџезерски и не поп, и да се отсвират и да звучат така добро и без гудачи. Така што направивме избор таков на песни кои го имаат одбележано неговиот живот, кои се значајни за него, не зборувам како хитови или најпопуларни, туку песни кои се поврзани со неговиот живот“, истакна Апелгрен.
Од пејачите најмногу го сака Нет Кинг Кол и многу сака да реализира концерт со неховата музика, но за тоа тој вели дека треба поголем оркестар, така што во иднина сигурно.
„Догодина имам 40 години јубилеј откако се занимавам со пеење, секако дека ќе подготвам концерт, кој ќе биде посебен за да одбележи, не се малку години, но не сум сигурен уште каков репертоар ќе биде тоа, сигурно ќе има нешто од репертоарот на Нет Кинг Кол, сигурно ќе има и од репертоарот на Френк Синатра, можеби ќе има и по некоја босанова“, изјави за читателите на Трн, Апелгрен.