Промоција на „Синергија во времето“ од уметникот Страхил Петровски во Велес

„Синергија во времето“ е насловена публикацијата на визуелниот и мултимедијален уметник Страхил Петровски, која ќе биде промовира денеска во Ликовниот салон во Велес.

 Промотори на публикацијата ќе бидат Златко Теодосиевски, историчар на уметност,Лазе Трипков, визуелен уметник и Дарко Николовски, историчар на уметноста.

Публикацијата е поддржана од Министерството за култура и Музеј Велес.

Како што пишува историчарот на уметноста  Златко Теодосиевски, секој ќе си пронајде своја приказна во  ангажманот на Страхил да му вдахне (нова?) душа на ремек делото на тројцата спомнати автори на Спомен-костурницата.

-Многу современи критичари велат дека интерпретацијата на уметничкото дело е непотребна, тоа или се доживува, или – не, пишува Теодосиевски.

Тој додава дека за уметникот, реалното време не постои, а светот, па и уметноста, се движење, акција, синергија. Уметникот ги собира импресиите од движењето низ времето.

-Ако останеме настрана, ако не го следиме – загубата е наша, ускратени сме од несекојдневно доживување на интерполација на едно уметничко дело, ова на Страхил, во друго уметничко дело, она на Суботин, Денковиќ и Мазев, наречено Спомен-костурница во Велес.

Дали е тоа таа синергија за којашто говори насловот на видео делото на Страхил?  Да-синергиите помеѓу современото и минатото, историското и уметничкото, естетското и херојското, миговното и вечното пишува Теодосиевски.

Страхил Петровски е роден во Куманово. Тој е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Дипломира и завршува постдипломски студии на Универзитетот „Св.

Кирил и Методиј” – Скопје, на Факултет за ликовни уметности, работи како надворешен соработник  на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а ангажиран е и во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје како надворешен соработник и работи на научноистражувачки проект „Брестал“.

Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност.

Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес.

Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.

 Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес.

Работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и како доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје.

Реализирал бројни самостојни изложби во државава и странство, во Братислава, Париз, Њујорк, Виена. .

Учествувал на повеќе од 80 групни изложби, ликовни колонии, симпозиуми и семинари во државава и во странство, добитник е на бројни награди. ам/мд/Фото: Страхил Петровски.

- Реклама -