Емоционална промоција на „Бела Сама“ од Виолета Танчева-Златева во КИЦ

Вчеравечер, во преполна сала на Културно-информативниот центар, се одржа промоција на романот „Бела Сама“ од истакнатата и наградувана авторка Виолета Танчева-Златева.

На прашањето која е „Бела Сама“, Виолета одговори: „’Бела Сама‘ е моја шеста прозна книга, втор роман во моето творештво. Тоа е интересна приказна за едно девојче кое го создадовме во неврзан разговор со син ми Стефан. Потоа околу ликот нејзин почнаа да се пластат случувања, дејства и така се создаде целата приказна. За нецела година откако ја смисливме во нашите умови – година во која цело време живееше со нас – ние ѝ смислувавме настани, цела една животна приказна. По некое време таа почна самата да си го гради својот лик и да си ја развива приказната и еве ја сега, меѓу кориците на книгата што ја промовираме.“

Ликот на Бела Сама е своевидна комбинација од ликот на нејзиниот син Стефан и по малку од неа.

„Од Стефан има малку повеќе, бидејќи афинитетот на Бела е уметноста, како што и Стефан е уметник. Од него искористив една графика, во функција на анализа на уметничко дело, кога мајка ѝ ја подготвува за приемниот испит во средното уметничко училиште. А од мене има многу лични спомени од детството што се таму раскажани, на пример, во првите епизоди кога се среќава со дедо Борис, кој еднаш оди да го повика сонцето, а другпат да ѝ купи чорапи на баба Дана затоа што ѝ смрзнале нозете; потоа она нижење на широки врбови листови небаре се тутун со другарка ѝ Снеже… Сите тие се мои спомени, спомени од моето детство“, истакна Виолета.

Ана Јовковска, промоторката на романот, многу емоционално го најави делото и рече дека ѝ направил тупаница во срцето додека го читала.

„На моменти неконтролирано плачев, на моменти бев ужасно гневна, но со секое затворање на книгата ми се будеше една искра надеж.“

Ова е емотивен, потресен, комплексен роман за женските искуства, за траумата, за родово базираното насилство, за патријархатот, за мајчинството, роман за растењето. Низ сите тематски наративи, „Бела Сама“ е роман за осаменоста и болката, како дел од современиот живот.

- Реклама -