Бритни Спирс ја лансираше книгата „Жената во мене“ минатата година и стана автор на најпродаваните мемоари во историјата. Во книгата се навраќа на својот живот, на сè низ што поминала – од неверојатните успеси до болните падови. Книгата е хроника на нејзиниот живот – од нејзината ѕвездена кариера, па сè до воспоставувањето законско старателство над неа, кое ѝ го „скршило духот“, а раскажува и за нејзините поранешните љубовни врски.
Македонската верзија излезе многу брзо по светската промоција, како издание на издавачката куќа „Топер“.
„ Се решивме да ја издадеме книгата бидејќи со оваа книга првпат по многу години се слуша нејзиниот глас и нејзиното гледиште и навистина е одлична книга во која ќе уживаат сите што растеле со нејзината музика. Според моето мислење, во книгата најмногу ќе уживаат децата од 90-тите години бидејќи Бритни Спирс, на некој начин, музички го обележа тој период“, изјави Ирена Станојевиќ, директорката на издавачката куќа „Топер“ и претставник на генерацијата деведесетти.
Ви пренесуваме пет најшокантни факти од книгата „Жената во мене“:
1. Бритни Спирс го обвинува својот татко дека го злоупотребил старателството за да заработи од неа
Бритни во книгата го обвинува својот татко дека ја искористувал за време на притворот за да заработи од неа, до таа мера што во една пригода ги изговорил застрашувачките зборови: „Отсега, па натаму, јас сум Бритни Спирс“.
Размислувајќи за односот со својот татко во тој период, Бритни вели дека Џејми го критикувал нејзиното тело и постојано велел дека е дебела.
2. Бритни Спирс открива дека абортирала за време на врската со Џастин Тимберлејк
Осветлувајќи ја врската со Тимберлејк, Бритни открива дека забременила за време на врската, но абортирала – искуство што го чувала во тајност цели 20 години.
„Бев изненадена, но тоа не го сметав за трагедија. Го сакав толку многу. Очекував дека, сепак, еден ден ќе имаме деца. Ова, едноставно, би значело дека ќе биде многу побрзо отколку што очекував.“
Џастин ни најмалку не се радувал на бременоста. „Рече дека не сме подготвени да ни се појави бебе во животот, дека сме премногу млади.“
3. Бритни Спирс тврди дека знаела дека Џастин Тимберлејк ја изневерува
Во своите мемоари Бритни тврди дека била свесна дека Тимберлејк ја изневерува, но дека решила да молчи бидејќи врската била свежа и била вљубена до петици.
„Знаев дека Џастин ме изневери неколку пати. Бидејќи бев многу вљубена, опседната со него, му простив, иако таблоидите се чини беа решени да ми го турнат тоа под нос.“
4. Бритни Спирс се присетува на страсната двонеделна романса со Колин Фарел
Бритни сè уште заздравувала од раскинувањето со Џастин Тимберлејк кога почнала страсна врска со Колин Фарел. Потоа, се сеќава таа, не сакала премногу да се врзува за ирскиот актер, кој го запознала на снимањето на акцискиот филм „Специјална полициска единица“.
Фарел, кој тогаш имал 26 години, ја зел поп-ѕвездата како придружничка на премиерата на филмот „Регрут“ во 2003 година.
5. Бритни Спирс зборува за познатиот бакнеж со Мадона
„Почнав да налетувам на Мадона низ целиот свет“, пишува Бритни. „Се поздравувавме како пријателки.“ Таа раскажува за нејзиниот однос со музичката икона и дека таа имала „добро влијание врз неа“.
Двете поп-ѕвезди заедно се појавија на сцената во 2003 година, каде што споделија бакнеж за време на доделувањето на Музичките видеонагради на Ем-Ти-Ви, за што Бритни дава подлабок увид.
„Секогаш кога вежбавме, само се преправавме дека се бакнуваме. Околу две минути во шоуто седев на сцената и размислував за мојот најголем настап на Музичките видеонагради досега, кога ја соблеков јакната и блесна мојата светкава облека. Си помислив: сакам таков момент и оваа година. Можеби навистина треба да ја бакнам? Многу, многу се зборуваше за тој бакнеж.“