Универзална сала започнала со работа во 1966 година, а е изградена со помош на солидарност и донации од 35 земји.
Била проектирана од бугарските архитекти Станкови (Јарослав, Љубомир и Владимир) и нивната сестра К. Станкова-Мутафов, по урнек на објектот на Софискиот циркус, којшто настрадал во катастрофален пожар во 80-тите години на минатиот век. Таа е симбол на меѓународната солидарност, бидејќи во обезбедувањето средства за нејзината изградба учествувале дури 35 земји од целиот свет. Со свои донации во финансиски средства во изградбата на Универзалната сала учествувале: Авганистан, Австралија, Аргентина, Боливија, Бразил, Гвинеја, Ирак, Иран, Индонезија, Израел, Јордан, Јемен, Јапонија, Камбоџа, Куба, Канада, Кипар, Либан, Либерија, Луксембург, Мали, Монголија, Мароко, Монако, Нигерија, Нов Зеланд, Пакистан, Судан, Сенегал, Сирија, Шри Ланка, Турција, Тунис, Уругвај, Чиле и странски туристи кои ја посетиле тогашна Југославија.
Затворена е веќе 9 години – од март 2015, кога парче од таванот се откорна и падна врз седиштата.
Обновата на Универзална сала се најавува повеќе од една деценија, поточно 15 години.
Ветувањето за реконструкција на Универзална со извесни модификации се повторува во повеќе наврати и повеќе политички програми.
Во 2008 година се предвидува „Реновирање на Универзалната сала во Скопје“ , со рок на реализација 2012 година.
Во 2013 година во време на поранешниот скопски градоначалник, Коце Трајановски, беше најавено дека објектот ќе се урива за да се гради нова сала, во форма на стаклено јајце.
Во 2015 година Универзална беше преименувана во Конгресен центар „Александар Македонски“. Идејата за „јајцето“ пропадна, по што следеа најави за нејзина обнова со можност за зголемување на капацитетот.
По доаѓањето на градоначалникот Шилегов, во првата година од неговиот мандат беше вратено името Универзална сала. За време на мандатот на градоначалникот Петре Шилегов, се регистрираа повеќе најави за реконструкција или изградба на нова сала на друго место. Сепак, реакциите на јавноста го одредија текот на настаните – Универзална сала да не се руши, туку да се реновира во својот сегашен облик.
Со реконструкцијата, треба да се задржи автентичниот изглед на Универзална сала како симбол на меѓународната солидарност искажана кон Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Реконструкцијата вклучува обнова на внатрешноста, фоајето и влезниот дел, обнова на надворешноста и имплементирање на мерки за енергетска ефикасност. Исто така, предвидено било да се интервенира во машинскиот дел, во сценскиот дел и во делот на техниката.
Градежните работи од првата фаза на изведбата и поставувањето нова метална конструкција во времето на Шилегов се прекинати со доаѓањето на новата градоначалничка Данела Арсовска.
Три месеци откога дојде на местото градоначалничка на град Скопје, Арсовска излезе на прес конференција пред Универзална сала и тоа крајот на февруари 2022 за да го изнесе ставот дека проектот за изградба на Универзална сала е небезбеден и дека треба да биде стопиран, додека Асоцијацијата на архитекти на Македонија на чело со Мишко Ралев, остана на ставот дека тоа е политичка одлука на градоначалничката донесена без факти и аргументи. На изјавата на Арсовска реагираше фирмата проектант „Мегарон инженеринг“, која кажа дека проектот е безбеден и сите измени се одобрени од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).
Нова разврска случајот Универзална сала добива во ноември, 2022 година министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, изјави дека има целосна согласност од градоначалничката Данела Арсовска за реконструкцијата на Универзална сала целосно да ја преземе Министерството за култура.
Во јануари оваа година, после долги обиди да се преземе документацијата за реконструкцијата на салата, Владата (Министерството за култура) ја презеде Универзална сала од град Скопје.
Со оваа одлука правото за реконструкција, доградба и надградба на салата се пренесува на Министерството за култура, а откако ќе биде направена повторно ќе се врати во надлежност на Град Скопје.
Сега Министерството треба да ја заврши првата фаза која ја почна ексградоначалникот Петре Шилегов, односно реконструкција на надворшеноста за што веќе има пари и избран е изведувач. Втората фаза предвидува реновирање на внатрешноста на салата.
– За Универзална сала, првата фаза е веќе истендерирана и треба да се заврши. Сега ќе се истендерира и втората фаза. Обебзедивме финансии за три години и воедно ветивме дека за три години Универзална сала ќе биде готова, со клуч на рака. Поминавме долг пат, но процесот конечно заврши. Кон крајот на оваа недела ќе може да се почне со работа за да заврши првата фаза и да влеземе во втората – истакна министерката и информира дека за годинава се предвидени 120 милиони денари, додека за наредните две години се планирани поголеми суми.
Од перспектива на потребите на градот за концертна сала, или конференциски центар, како и од практична гледна точка, можеби подобро ќе беше сегашниот објект на Универзална сала да се сруши целосно и да се изгради нова сала со поголем капацитет и модерно руво, како што предлагаше претходниот градоначалник Петре Шилегов. Ова би можело да одговори на потребите на новите генерации и да креира подобро и пофункционално просторно решение, прилагодено на современото време и потребите на градот.
Во текот на десет години, објектот пропаѓа, а времето е скапоцено – секој ден што поминува се одразува на целосната слика која во најмала рака е апсолутно непривлчена и претставува депонија на старо железо, градежен шут и ѓубре.
Во очекување на доаѓањето на градежната механизација која ќе почне да работи, ако помислиме на тоа колку скопјани се носталгични по времето на прогресот во седумдесеттите и осумдесеттите, зачудува што градоначалничката на Скопје покажа помалку сенс за ваква скопска знаменитост, отколку Министерката за култура – родена битолчанка одговорна за централна, а не за градска институција.