“Уметниците се најголемите амбасадори на една држава и затоа апелирам до сите надлежни институции и личности во Република Србија да го препознаат овој момент како една голема можност и да ја поддржат Белградската Филхармонија во своите сегашни и идни уметнички дострели”, порача композиторот и пијанист Дино Имери во писмото за поддршка до колегите од Белградската Филхармонија.
Имери дополни: „Со загриженост ги следам актуелните состојби со кои се соочуваат колегите од Белградската Филхармонија. Покрај нивниот значаен јубилеј – 100 години од основањето, како најрепрезентативна културна институција во Република Србија, сеуште се доведувани во позиција да ја образложуваат и објаснуваат својата вредност и улога во промовирањето на највисоките цивилизациски вредности, како и културата на својата држава.“
Како концертен пијанист со меѓународна дејност и универзитетски професор, тој ја упати својата срдечна професионална и човечка поддршка кон сите вработени во Белградската Филхармонија – од музичарите во оркестарот до сите кои не ги гледаме на сцената, а без кои не е возможна реализацијата на врвните настапи на овој оркестар. Имери се присети на на гостувањето на Белградската Филхармонија минатата година во новата Филхармониска сала во Скопје, каде под водство на Маестро Зубин Мехта тие ја маѓепсаа скопската публика и беа испратени со стоечки овации.
Токму Белградската Филхармонија, потсетува Имери, ја поддржа Македонската Филхармонија во моменти кога тоа не го правеа многу личности од културата во нашата земја.
-Колегите од Белград ги знаат битките со кои се соочува една културна установа, а за своите врвни достигнувања заслужуваат да ги добијат најдобрите услови за работа, порача Имери.