(ВИДЕО) И на овие избори граѓаните ќе ги платат рекламите на партиите

За промени има консензус, но само кај експертите. Околу два месеца во рацете на пратениците има нацрт-измени на Изборниот законик според препораките на ОДИХР, но сè уште нема предлог-закон во Собранието. Дали затоа што во предлогот се предвидува и укинување на државно платените политички реклами?

Како и по речиси секои избори, така и по последните, земјава доби препораки од ОБСЕ-ОДИХР – како да се подобри изборниот процес.

Можеби клучно, се бара нов, пофер модел за медиумското претставување на партиите. Во моментов, политичкиот маркетинг на партиите го плаќа државата, а речиси сите пари и рекламен простор одат кај големите партии.

За вакви промени во Изборниот законик има консензус. Но, само кај експертите. Околу два месеца во рацете на пратениците има нацрт-измени на Изборниот законик според препораките на ОДИХР, но сè уште нема предлог-закон доставен до Собранието. Дали затоа што во предлогот се предвидува и укинување на државно платените политички реклами?

„Претпоставувам дека тука некаде е темата, бидејќи не гледам проблем во препораките на ОБСЕ-ОДИХР, досега не сум слушнал дека некој реагира на тие препораки. Претпоставувам дека за тој дел станува збор, но како и да е, треба да се обезбеди консензус“,

изјави претседателот на Собранието, Јован Митрески во интервју за „360 степени“ емитувано на 5 февруари.

Ќе се обезбеди ли тој консензус и ќе се договорат ли најголемите партии да си ги укинат парите за реклами кои граѓаните им ги овозможуваат преку буџетот на државата?

По секој изборен циклус ОБСЕ-ОДИХР, како најрелевантен меѓународен фактор во областа избори, излегува со препораки – што треба да се смени за да се унапреди процесот. Последните излегоа во јавноста по локалните избори кои се одржаа на 17 октомври 2021 година. Од нив може да се заклучи дека треба да се спроведе опсежна ревизија на изборното законодавство, при што правилата за кампањата и медиумите треба да обезбедат еднакви можности за сите.

Со таа цел, Министерството за правда формира работна група во која беа поканети политичките партии, државни органи, медиумски здруженија и експерти. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ одби да делегира претставник поради несогласувањето со власта – кога да се одржат изборите.

Работната група започна со работа во мај 2023 година. Поради опсежноста на материјалот за измени во Изборниот законик, работата беше поделена во шест подгрупи.

Во подгрупата која работеше на измените во сферата на изборната кампања и медиумите свој претставник имаше и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Директорот на Агенцијата, Зоран Трајчевски, вели дека нивните препораки биле јасни – да се престане со државно спонзорираниот политички маркетинг.

Зоран Трајчевски, директор на АВМУ

„Добиваат граѓаните бидејќи ќе престане трошење на огромни милионски суми од буџетот за платено политичко рекламирање кај радија, телевизии, билборди, интернет-портали итн. Ваков модел каде што се форсираат и се привилегирани четирите најголеми политички партии не е познат во Европа, односно во демократскиот свет, па уште на тоа да им ги плаќа државата трошоците“,

вели директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски.

Иако заклучоците од подгрупата биле вградени во конечниот нацрт-текст, Трајчевски додава дека сè уште не е јасно по кој модел ќе се работи за следните избори.

„Суштината на измените се дека работната група предлага во иднина и при спроведување на овие два изборни процеси, платеното политичко рекламирање да не се плаќа повеќе од Буџетот. Распределбата на времето да биде различна од тоа што е досега и да ги фаворизира четирите најголеми политички партии, туку да имаме подеднаков пристап на сите учесници во изборниот процес. Финансиските средства за платеното политичко рекламирање да си ги обезбедуваат самите учесници, односно политичките партии и исто така предвидовме полиберално, односно пореална распределба и на останатите форми на рекламирање: билбордите, интернет-порталите… Не знаеме што ќе се случи до денот кога ќе се распушти Парламентот за да знаеме дали ќе работиме по актуелниот закон или ќе бидат прифатени предлозите што ги даде работната група, или ќе има некоја сосема трета верзија на Изборниот законик“,

рече Трајчевски образложувајќи ги промените во Изборниот законик.

Текстот со нацрт-амандманите во овој дел, до кој дојде „360 степени“, е образложен на 20-ина страници. Освен што се брише членот со кој се предвидува плаќање на рекламите од државниот буџет, видлива е огромна разлика и во пристапот до платеното политичко рекламирање. Ако актуелното решение вели дека од девет и пол минути изборни реклами на секој час програма на телевизиите и радијата, по четири се за двете најголеми партии на власт и во опозиција, една минута е за другите парламентарни партии, а половина минута за вонпарламентарните учесници во изборите, предлогот од работната група предвидува десет минути предизборно рекламирање на секој час програма и можност за еднаков пристап за сите.

„Секој учесник во изборна кампања, од овие десет минути на секој реален час емитувана програма, може да закупи две минути или најмногу четири минути за платено политичко рекламирање под услов да остане незакупен простор во реалниот час емитувана програма“,

се предвидува во членот 75-ѓ, предлог од работната група.

За интернет-порталите и весниците, пак, се предлага секој учесник во кампањата да може да закупи до 20 отсто од рекламниот простор во медиумот.

Претседавачот со генералната работна група Александар Новаковски, вели дека откако експертите во работната група ја завршиле својата работа, финалниот документ бил напишан во форма на нацрт-закон.

„Кога едногласно се усвоија како предлог за измени и дополнувања, изработени во конечна верзија, тој текст имаше три секретари од Правда. Тие требаше да изготват и изготвија предлог за измени и дополнувања со сите елементи што треба еден предлог да ги содржи, за да одат во законска процедура. Бидејќи тука беа причините за донесување, фискалните импликации, веќе беа изготвени“,

изјави Новаковски.

Александар Новаковски, претседавач со работната група

Сепак, забележува тој, предлогот за измени и дополнувања бил испратен само како експертски материјал до пратениците.

„По правило, министерството за правда е овластен предлагач до Владата. Владата, исто така, треба да ги усвои и преку Министерството за правда оди во Собрание кај комисиите. Во Собранието одат на матичните комисии и кај законодавноправната. И тие потоа одат како предлог до Собранието. Јас немам информација зашто тие досега не се изгласани, јас стварно сум изненаден“,

дополни претседавачот со работната група.

Ако е сè експертски напишано, преточено во форма на закон, зошто сè уште не е доставен предлог до Собранието? Новиот координатор на СДСМ во Собранието, Мартин Костовски, за „360 степени“ вели дека тие би поддржале предизборните реклами веќе да не се плаќаат од државниот буџет.

„Нашата вклученост во самиот процес на преговарање, договарање во работните групи, коишто се одвиваа во Министерството за правда, го покажува нашиот карактер и намера дека сакаме да ги внесеме овие препораки од ОБСЕ/ОДИХР, сè со единствена цел да имаме подобар и подемократски изборен процес. Нормално, се надевам дека ќе продолжи ваквата соработка помеѓу политичките партии и ќе имаме финализирање на овој предлог-законски текст“,

изјави Костовски.

Мартин Костовски, координатор на пратеничката група на СДСМ

На нашето повторно прашање дали се согласни со измените по цена и да ги загубат државните пари за реклами, Костовски одговори:

„Едноставно, еквивалентот на еднакви можности од стартната позиција е некоја демократска вредност. Така да, ако е тоа демократска вредност, социјалдемократите се за таа демократска вредност“,

додаде тој.

И покрај позитивниот тон, ако внимателно се следи изјавата, Костовски говори за финализирање на измените. Тоа значи дека предлогот од работната група во Министерството за правда, најверојатно, нема да помине без измени.

Според ставот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, вака предложените измени никако нема да поминат во моментов. Координаторот на опозициската пратеничка група, Никола Мицевски, вели дека намерите на Министерството за правда со работната група не биле сериозни. Затоа, тие не учествувале. Сметале дека нема да ги даде очекуваните резултати. За Мицевски е зачудувачки и зошто материјалот е доставен за понатамошно разгледување, а не како предлог-закон.

„Предлог-измени заради запознавање и натамошно процесирање, така гласи и писмото коешто е испратено од Министерството за правда. Кај мене е зачудувачки што Министерството за правда е овластен претставник којшто може да предлага законски решенија и зошто овие измени коишто ги изработиле не ги поднеле, не знам. Очигледно е дека повторно доаѓаме на почетокот на целата проблематика, а тоа е дека консензуално се донесуваат овие работи и затоа очигледно сметале дека треба да го поднесат во предлог на документ којшто е за наше запознавање. Бидејќи не бевме учесници во работната грума, сметаме дека не е наша обврска да преземаме дополнителни активности по ова што е дојдено како документ“,

изјави Мицевски за „360 степени“.

Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ

Декларативно, препораките од ОБСЕ/ОДИХР се прифатливи за нив, но Мицевски одби да се произнесе за предлогот за кратење на буџетските пари за политичко рекламирање.

„За такво нешто ќе треба да даде став работна група или луѓе коишто ќе бидат овластени по однос на целата таа работа. Има и позитивни и негативни елементи по целата оваа работа. Да оставиме кога ќе дојде време, да се произнесеме кога ќе дојде време“,

потенцира координаторот на ВМРО-ДПМНЕ.

Паралелно додека ги договаравме координаторите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, изјава баравме и од координаторот на ДУИ, Арбр Адеми. И покрај тоа што имаше неколку дена за одговор, тој не најде време за нас.

Од Државната изборна комисија веќе излегоа со проценка дека, според актуелното законско решение, двојните претседателски и парламентарни избори во април и во мај ќе чинат 17 милиони евра. Близу 60% од тој трошок, или 10 милиони евра, се за платено политичко рекламирање.

Само за илустрација, според Државниот завод за ревизија, политичкиот маркетинг за локалните избори во 2021 година го чинеше буџетот околу 5,3 милиони евра. Сега, изборите се двојни, па таков е и трошокот. Освен, ако големите партии освен декларативно и навистина не решат да се откажат од државните пари за партиски реклами.

Извор