Германија испрати борбена фрегата да се приклучи на мисијата на ЕУ во Црвеното Море

Германија денеска испрати фрегата за противвоздушна одбрана да се приклучи на поморската мисија на Европската унија во Црвеното Море, која треба да биде лансирана во средината на овој месец за да ги заштити трговските бродови од нападите на јеменските бунтовници Хути, изјави командантот на германската морнарица вицеадмирал Јан Кристијан Как.

„Слободните поморски трговски патишта се основата на нашата индустрија и нашата способност да се браниме“, истакна Как.

Според него, сегашната состојба во Црвеното Море веќе предизвика проблеми со снабдувањето и принуди некои компании да го прекинат производството. Как истакна дека повеќе од 90 отсто од стоките стигнуваат до Европа и Германија по морски пат.

Германската фрегата „Хесен“ го напушти пристаништето во Северното Море и се упати кон Црвеното Море, а нејзиното учество во мисијата на ЕУ треба да го одобри германскиот Парламент на крајот на овој месец.

Прочитајте и:  Амал Клуни со важна улога во одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху

Фрегатата е изградена за противвоздушна одбрана и е опремена со радари кои можат да детектираат цели на домет до 400 километри, како и проектили за соборување цели, како што се балистички ракети и беспилотни летала на домет поголем од 160 километри.

- Реклама -