Во Котур Кафе Филм вечерва (5 февруари) премиерно ќе се изведе перформансот „Два пати Мери“ во кој се комбинира изложба на фотографии, театарска претстава, видео и поезија.
„Се изведува од два тима во исто време на две различни локации, во Прага и во Скопје. Публиката ќе може низ сите канали да го следи животот на двајца луѓе, да види како се претвораат во насилник и жртва, и која е улогата на општеството во таа трансформација. Целиот перформанс е инспириран од Македонски (и Балкански) традицонални поговорки кои ја пренесуваат ‘мудроста’ од генерација на генерација, оставајќи траги и лузни“, се вели во најавата за настанот.
Текстот на перформансот е на Натали Спасова а пооезијата на Иф Атанасова. Во перформансот исто така е поставена и фото изложбата на Филип Куновски а музиката е на Александар Бошков.
Во Скопје играат Матеа Јанковска и Никола Ристески, а од Прага преку видео Виктор Бужаров и Иф Атанасова.
Перформансот е организиран од Скоро Театар, а финансиран од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка и СМАРТ БАЛКАНС – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, и реализиран со поддршка и во соработка со Котур Кафе и Филм. Картите се во продажба преку продажната мрежа на karti.com.mk.
Репризата на перформансот е закажана за утре (вторник, 6 февруари).