Бислимоски: Стратешките енергетски инвестиции ќе ги преполоват сметките за парно, а државата ќе извезува струја

Со влезот на стратешките енергетски инвестиции ќе се зголеми енергетската независност на земјава и сметките за парно ќе се преполоват, смета претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Марко Бислимоски.

-Одлично е што ќе имаме конечно француска инвестиција и заедно со реализацијата и на грчката инвестиција во енергетиката граѓаните може да очекуваат стабилни сметки за струја и пониски сметки за топлинска енергија. Во исто време поради ниската цена ќе се зголеми интересот за приклучување кон мрежата за топлинска енергија и ќе се ослободат количини што ЕСМ ги произведува на ниво од два блока во РЕК Битола. ЕСМ ќе може да продава струја на берза и парите да ги насочи кон инвестиции, рече Бислимоски во интервју во утринската емисија на Слободен печат.

Концептот на приватни инвеститори во случајов, додаде, стратешки е применуван секаде во Европа.

-Тоа е модел каде приватниот инвеститор гради енергетскиот капацитети, а енергенсот се откупува по однапред утврдена цена што е пониска од онаа што ја има ЕСМ. Сега ЕСМ ја продава струјата на ЕВН хоме по цена од 58 евра за мегават час, додека од стратешките партнери ќе изнесува 55 евра за мегават час. При тоа доминантно струја е од РЕК Битола од јаглен, чие производство ќе поскапи поради данок од ЕУ од 70/80 евра за мегават час што значи дека цената ќе достигне до 150 евра. Дај боже да има уште повеќе инвеститори и од увозна земја ќе станеме земја што извезуваме струја, рече Бислимоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

Нагласи дека само во 2023 ја преполовиле количината што се увезува поради приватните инвестиции и тоа, додаде, е одлична работа.

Прецизира дека за две години се издадени лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со инсталиран капацитет од скоро 600 мегавати и тоа, посочи, се инвестиции на приватниот сектор претежно во фотоволтаични централи.

-Она што е направено во независна Македонија кога енергетиката е во прашање е околу 85 отсто приватна инвестиција. Државната ЕСМ ја има направено Козјак односно ХЕЦ СВ Петка и ветерната електрана во Богданци што е вкупно 140 мегавати, додека останатите околу 900 мегавати се приватни.

Тезата дека државата треба да гради енергетски капацитети е легитимна, но поради енергетската криза ЕСМ обезбедува субвенционирана цена за граѓаните и е во загуба – добива пари од буџет. Сега ќе може да ја задржи ниската цена, граѓаните да добиваат и пониски сметки, посочи Бислимоски.

- Реклама -