Шестото издание на проектот „Добри гости“ ќе се одржи вечерва во 18 часот во кафулето „Шила“ во Охрид. Суштината на проектот е да иницира книжевни гостувања на автори од Скопје во градови во внатрешноста на земјата и заеднички читања со локални автори, во соработка со локални чинители. На ова издание ќе учествуваат: Андреј Ал-Асади, Павлина Атанасова, Николина Андова-Шопова, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска, Иван Антоновски, Димитар Пандев, Славе Ѓорѓо Димоски, Зоран Јакимоски, Марија Ангеловска, Марина Шикова Димовска, Д. А. Лори, Стефан Костоски, Иван Шопов, Јордан Коцевски, Марина Шокева, Мирко Томовски, Митко Колјушевски, Митре Мангоски Радождански, Смиле Наумоски Брсјак, Маја Мојсова, Тони Попов, Христина Цветаноска, Јован Цветкоски, Матеа Стоев и Наталија Танеска.
Читањето е всушност преднастан на традиционалната културна манифестација „Прличеви беседи 2024“ и се одржува со поддршка на Општина Охрид, а ја организира издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, во соработка со „Скопскиот поетски фестивал“ и „Култура Бета“.
Серијата „Добри гости“ се состои од читање поезија и проза, емитување поетски и други краткометражни филмови поврзани со литературата, разговори со автори, со издавачи, разни трибини, книжевни промоции, работилници и слично.
Проектот досега се одржа во Штип, во Тетово, во Струмица, во Демир Хисар и во Куманово, а планирани се гостувања во уште градови низ земјата, по што иницијативата ќе заврши кон крајот на 2024 година со маратонско книжевно читање во Скопје, на кое, доколку се во можност, би учествувале сите вклучени автори.