Танцово студио “Битрикс”- промотор на современата танцова култура во Македонија

“Битрикс” како танцово студио постои веќе 15 години. На почетокот работи како студио за хип-хоп, а со тек на годините се развиваат денс хол, современ, хаус и фристајл. Во ова студио се добредојдени сите, од најмалите деца од четири годишна возраст, до возрасните групи.

Ова денс студио до сега има остварено многу проекти, а еден од поважните е платформата “Битрикс Спешлс”, која е замислена како отворена работилници наменета од заедницата за заедницата. Она на што од “Битрикс” се особено горди е “Битрикс Танцовата Лига”, најголемиот камп за танц во Македонија како и проектот “Танц Трансформатор” реализиран со помош на Амбасадата на Швајцарија.

Сепак можеби најубав дел од работата на ова денс студио, се токму часовите по танц во кои подеднакво уживаат и малите и големите.

– Групата од четири години е доста интересна за работа, бидејќи тие деца на секој час имаат нешто ново да кажат или нешто ново да ни покажат што направиле и што научиле дома. Следната група на возраст од единаесет години се малку посериозни, но сепак се многу интересни за работа и има многу да се научи од нив. Децата се секогаш заинтересирани за натпревари и натпреварите за нив се голема мотивација. Пробуваме скоро секоја година да посетиме неколку натпревари локално во Македонија, но и надвор. Постигнуваме доста големи успеси, со сите групи, детските, јуниорските и возрасните, вели Јана Лукровска, инструктор во “Битрикс”.

Работилниците кои “Битрикс” ги организира најчесто се отворени и добредојдени за сите танчери, од почетници до профeсионалци. Тие се можност, велат инструкторите сите да научат нешто и да ги унапредат своите танцови вештини

– Бевме во Солун на “Battle of the best”. Пробуваме што е можно повеќе да посетуваме работи кои што се случуваат околу нас. Проектите секогаш го креваат нивото на ентузијазам бидејќи со секој нов проект се случуваат нови работилници и едноставно е нова шанса за доедукација. И луѓето стануваат многу по мотивирани и гледаат колку уште многу повеќе може да се сработи – вели Надја Лукановска, инструктор во “Битрикс”.

Плановите на Битрикс за 2024-та година се да посетат што повеќе работилници, да научат нови работи кои ќе ги искористат во нивните натпревари.

-Сакаме да одиме на што повеќе натпревари, да ги однесеме децата на што повеќе работилници за да можат да растат во тоа што го прават и да бидат задоволни од нас – велат од “Битрикс”.

- Реклама -