(ВИДЕО) Државниот градежен инспекторат повторно одложи уривање дивоградба

Општината Ѓорче Петров избрала фирма за рушење на дивоградби на крајот на декември, а веќе на 3 јануари Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам направил вонреден надзор и направил увид и препис во документација за повеќе објекти, меѓу кои и за склад кој се гради на диво на државни земја, во близина на селото Орман

Минатата година, Државниот инспекторат предводен од Фатмир Арифи од ДУИ, постапи по сличен рецепт кога Општината Центар требаше да руши две дивоградби на Пластичарска улица

На скопската обиколница, во насока кон Тетово, веднаш по исклучувањето за селото Орман, од десната страна на патот ве пресретнуваат складишта. Ништо чудно за овој потег на Скопје. Но, еден објект е поинаков од другите. Оваа нова градба, која наликува на хангар, расте без одобрение и тоа – на државна земја. До нeа, како дел од целина, има барака и ограда. Додека снимавме, заварувачи активнo работеа на главната конструкција.

На тесното патче што води кон дивоградбата затекнавме црн мерцедес. Штом почнавме да снимаме со дрон, случајно или не, автомобилот замина.

Стотина метри подолу од објектот, овој човек прво нè замоли да препаркираме, а потоа, се врати и нè фотографираше.

Можеби случајно, но пред нашето возило застана друго, со вклучени трепкачи, но попатно се изгуби од нашиот видик.

Според податоците од Катастарот, станува збор за парцелите со број 446 и 447 во катастарската општина Орман, вон град.

Двете парцели 466 и 477 се на име на државата и, како што може да се види, се протегаат преку реката Лепенец. Веднаш под нив е приватен имот на повеќе членови на извесно семејство Фетаи од Тетово. Кој е мистериозниот „инвеститор“ од соседството, кој во овој предел гради на диво, не може да се дознае.

Извор: Агенција за катастар на недвижности

Ова е една од вкупно триесетте дивоградби во матичната општина, Ѓорче Петров, нo таа е најгабаритна.

Општина Ѓорче Петров на 29 ноември минатата година, објавила јавен оглас, на кој барала механизација за уривање дивоградби. Тендерот е завршен на 25 декември, избрана е фирма, но на трети јануари во Општината влегува Државниот инспекторат за градежништво за да направи вонреден инспекциски надзор. Извршен е увид и препис на пет предмети за дивоградби.

Извор: Електронски систем на јавни набавки

„Два предмета се однесуваат на наведената парцела од Ваша страна, конкретно КП 476 и КП 477, катастарска општина Орман – вон град, за кои овластен градежен инспектор утврдил дека станува збор за дивоградби и за истите донесено е соодветно Решeние за отстранување и инспекциската постапка е во тек“,

велат од Општина Ѓорче Петров.

Од Општината се воздржани во одговорите на прашањето – дали со вонредниот инспекциски надзор, всушност, се прави обид за саботажа на процедурата за рушење на дивоградбите.

„Овластен градежен инспектор постапува во рамките на законските можности согласно Законот за градење и Законот за инспекциски работи и имајќи предвид дека станува збор за предмети за кои инспекциската постапка е во тек, по истекот на предвидените рокови и завршувањето на постапките, доколку инвеститорите не постапат сами по донесените Решенија, во првиот момент кога ќе се створат услови за тоа, ќе спроведе присилно административно извршување по истите“,

велат оттаму.

Седиштето на Општина Ѓорче Петров

Притоа, Општината не знае кој е „инвеститорот“, оти се гради на државна земја и на диво.

Ја прашавме повисоката истанца, Државниот инспекторат за градежништво – зошто направиле вонреден надзор на пет предмети во Општина Ѓорче Петров, кога ќе се изјаснат за нив и дали со надзорите на веќе завршен тендер за ангажирање механизација за уривање, Инспекторатот, всушност, саботира акции на општинарите. Од институцијата со која раководи Фатмир Арифи, кадар на ДУИ, нема одговор.

Не е првпат Државниот инспекторат за градежништво да влезе во општина непосредно пред уривање. Минатата година, во очи на акција за рушење на две дивоградби на Пластичарска, Инспекторатот на Арифи направи вонреден надзор во Општина Центар токму за тие предмети.

„На самиот ден кога требаше да се изврши самата акција и рушење, акцијата беше пробиена“,

алармираше градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во телевизиско гостување во април минатата година.

Тогаш Државниот инспекторат со записници констатираше дека општинските служби во Центар неправилно ја воделе инспекциската постапка, па им наложи да ја повторат. Следуваше и обид за управен спор, но Судот ја отфрли тужбата на Центар со образложение дека записници не се управни акти. Во меѓувреме, Центар се уште чека Инспекторатот да се произнесе по нивните приговори на записниците. Паралелно, за Пластичарска, Обвинителството констатираше дека во случајот е сторено кривично дело – бесправно градење, а пред два месеца ни кажаа и дека имаат сознанија за можни сторители. Прашавме повторно во ОЈО Скопје дали има напредок во истрагата.

„Во предметот се преземаат дејствија за идентификација и обезбедување на потенцијалните осомничени лица“,

велат од ОЈО Скопје.

За директорот на Државниот инспекторат за градежништво, Фатмир Арифи, пак, Државната комисија за спречување на корупцијата побара од Владата да го разреши и од Обвинителство кривично да го гони оти во анкетниот лист не пријавил два стана и возило. И овој случај досега нема епилог.

Дали и случајот со Ѓорче Петров е обид за саботажа и дали Обвинителството ќе ги прошири проверките и кон Државниот инспекторат за градежништво – ќе продолжиме да следиме и известуваме.

ПОВЕЌЕ НА ТЕМА ДИВОГРАДБИ:

- Реклама -