Пратениците го донесоа Законот за употреба на македонскиот јазик кој ќе го замени досегашниот од 1998 година. Законот беше дополнет со прифатени амандмани на матичната собраниска Комисија за култура и донесен во целина со гласовите на сите 96 присутни пратеници на 139-та седница, која ја водеше новоизбраниот претседател на Собранието Јован Митрески. Немаше против, ниту воздржани гласови.
Законот пропишува задолжително лекторирање на сите материјали, со објавување на името на лекторот, задолжително вработување лектори во сите јавни институции и органите на власта, во државни институции, училишта, издавачки куќи, медиуми, со што се очекува да се зголеми и интересот за студирање македонски јазик. Ќе се формира и Инспекторат за надзор над примената на законот.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во излагањето пред гласањето рече дека со многу труд, посветеност и ентузијазам успеале да ги исполнат заложбите за заштита и унапредување на македонскиот јазик. Таа посочи дека по неколку незначителни измени на досегашниот закон, стар 25 години, новиот закон нуди решенија и механизми за градење соодветна јазична политика, дополнителни механизми во функција на зајакнувањето на почитување на македонскиот стандарден јазик и неговата правилна употреба.