Концерт за историја: Jazz Nova на Националниот џез оркестар

Националниот џез оркестар вчера во просториите на НОБ го одржа својот прв концерт насловен „Jazz Nova“. Со концертот диригираше познатиот македонски музичар Џијан Емин.

На концертот се отсвиреа дела на Гордан Спасовски, Трајче Велков, Зоран Костадиновски, Иван Петровски, Алек Пејовски, Владимир Николов, Сашко Николовски, Илија Пејовски, како и од диригентот Џијан Емин и директорот на оркестарот Гоце Стефковски.

„Ова е историја за Македонија“, кажа Стефковски на почетокот на концертот и се заблагодари за поддршката и за верната публика во изминатите години.

За месеците што следуваат, новата национална установа подготвува внимателно избран репертоар, кој ги следи актуелните трендови во џез-музиката, но вклучува и изведби на џез-класици од домашната, регионалната и од светската џез-сцена, како и гостувања на еминентни музички имиња.

„Знаеме како заедно дојдовме дотука. Затоа оваа вечер задоволството е уште поголемо. Убедена сум дека овие музичари, кои му се познати и на регионот, ќе посегнат и кон врвот на светската џез-сцена“, рече пред концертот министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Наредните концерти, како што вели Стевковски, ќе се одржуваат во дополнително објавените термини и во зависност од гостите што ќе учествуваат во рамките на музичкиот настан. Инаку, концертите на македонските џезисти и програмата што се изведува секогаш привлекувале големо внимание кај љубителите на овој музички жанр, па така и овој нивни прв концерт, сега веќе како национална установа, предизвика голем интерес во јавноста.

- Реклама -