Македонската филхармонија вечерва во 20 часот ќе го изведе концертот „Почеток“. Како солист ќе настапи македонскиот кларинетист Здравко Ангелов, а диригент е маестро Алфонсо Скарано од Италија. На програмата се симфониска поема „Ноќ на голото брдо“ и суитата „Слики од изложба“ од Модест Мусоргски, а премиерно ќе биде изведена и Сонатата бр. 1 за кларинет и симфониски оркестар од Јоханес Брамс во аранжман на Лучано Берио.
Здравко Ангелов (1978, Струмица) дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје во во класата на проф. Иван Кочаров. Магистрирал во 2012 година во класата на проф. Стојан Димов. Повеќе од 11 години е вработен како прв кларинетист на Македонската филхармонија. Во текот на својата досегашна музичка кариера се стекнал со бројни признанија и награди. Настапува како солист со симфониски оркестри во нашата држава и надвор од неа и како камерен музичар, а воедно е постојан член на камерниот ансамбл „Консонанс“. Учесник е на значајни фестивали и концерти.
Италијанскиот диригент Алфонсо Скарано веќе седма сезона е шеф-диригент на Тајландскиот филхармониски оркестар, откако работеше како гостин диригент шест сезони, од 2011/2012. Пред ангажманот во Тајланд, работел како шеф-диригент во Филхармонијата во Теплице, Чешка (2013 – 2018), гостин диригент во „Виртуози ди Прага“ (2000 – 2010) и музички директор и диригент во Оперскиот фестивал во Тоскана, Италија (2006 – 2008). Алфонсо Скарано е победник на Натпреварот за диригирање во Тревисо, во 1993 година, на натпреварот „Франко Капуана“ во Рим, освоил втора награда на интернационалниот натпревар „Луиџи Манцинели“ и др.
Модест Петрович Мусоргски (1839 – 1881), рускиот композитор кој своето целокупно музичко творештво го свел на сценска акција, меѓу другите, го создал и едно од најпопуларните дела во класичната музика – „Ноќ на голото брдо“. Самиот автор дал четири верзии на ова привлечно оркестарско дело, а инспирацијата ја нашол во руските приказни и легенди за вештерскиот сабат, кога вештерките се собираат на пустата планина на која не растат дрвја, забавувајќи се и чекајќи го доаѓањето на господарот на Смртта…
Суитата „Слики од изложба“, составена од 10 музички парчиња, Мусоргски ја напишал во знак на сеќавање на својот пријател Виктор Хартман, познат сликар, архитект и дизајнер, кој починал во 1873 година. Мусоргски го напишал делото во негова чест, а целосното име на композицијата, всушност е „Слики од изложба – сеќавање на Виктор Хартман“. Инспирација за создавање на делото била и изложбата на повеќе од 400 дела на Хартман, поставена во Академијата на уметност во Санкт Петербург, која ја посетил и Мусоргски. „Слики од изложбата“ всушност музички ја илустрира прошетката низ галеријата идвижењето на посетителите од едно до друго дело. Мусоргски го структурирал делото во десет дела што го рефлектираат прогресот во движењето и разгледувањето на делата од Хартман.
Сонатата бр. 1 од Јоханес Брамс во аранжман на Лучано Берио егзистира во оркестарска форма од 1986 година. Филхармонијата на Лос Анџелес го ангажирала Берио да направи оркестарска обработка, и на премиерната изведба на 6 ноември 1986 година свирел Мишел Зуковски. Оваа оркестарска форма на Сонатата, Берио им ја посветил на Франко и Барбара Бенедети, а подоцна била публикувана од едицијата „Универзал“. Самиот Брамс во една прилика, во писмото до Рихард Мунфелд, кому му ја посветил оригиналната композиција, напишал: „Сонатата е импулсивна исто како концерт“. Аранжманот се држи до сонатната форма, иако, бидејќи станува збор за аранжман со солист и оркестар, може да се третира како концерт.