„Птици во аквариум“, уникатна книга за надреализмот од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ

„Птици во аквариум“ е насловот на уникатна книга од професорите Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ, издание на „Полица“ со која се одбележуваат сто години надреализам. Обајцата важат за најголеми познавачи на овој правец кај нас. Вљубениците во надреализмот, еден од најоткачените уметнички правци на 20 век, ќе можат да уживаат во тематски „лекции“ генезата на надреализмот, за францускиот и за српскиот надреализам (сосе нивните хронологии), за односот на надреализмот со симболизмот и фантастиката, за тројцата неприкосновени родоначалници на надреализмот (Де Сад, Лотреамон и Рембо), за надреалистичката поезија и сликарството, за таткото на надреализмот, Андре Бретон и посетата на неговиот дом во Париз, за надреализмот и современата македонска поезија…

– Врз операционата маса на оваа книга доаѓа до (не)случајна средба на машината за шиење текстови на тема надреализам и уметничките дела создавани под надреалистички чадор. Ќе најдете и еден куп илустрации, надреалистичка проза и поезија и дел посветен на најголемиот надреалист кај нас: писателот и поет Влада Урошевиќ. Или, што би рекол Владимир Јанковски во предговорот кон оваа книга: „’Птици во аквариум: надреализам 1924 – 2024′ не само што претставува едно од најцелосните толкувања на надреализмот, туку истовремено е и најтемелната студија за некој книжевен правец објавена кај нас.“ – велат издавачите.

- Реклама -