Германскиот филм за деца „Смрдушковци“ од утре во кината

Германскиот филм за деца „Смрдушковци“, во режија на Јенс Мулер и Тоби Генкел, од утре
почнува да се прикажува во кината низ земјава и тоа во Кинотека со почеток од 14 часот, во кино
„Милениум“ со почеток од 19 часот и во кино „Манаки“ – Битола од 18 часот. Филмот се фокусира
на проблемите на семејството Смрдушковци, а приказната се врти околу зборот „дом“. Каде
припаѓаме? Кој одлучува каде да останеме? Режисерот Генкел за пораката на филмот ќе рече дека
е „ едноставна колку што е утопистичка: бидете отворени, не плашете се од работите што не ги
знаете, помагајте им на луѓето во неволја – и на крајот сите победуваат“.

Во потрага по својот нов дом, Смрдушковци се наделуваат во Смрдвил, едно прекрасно и весело
селце. На жалост, во Смрдвил има еден „смрдлив“ проблем: локалната депонија ја згадува целата
околина. Нешто мора да се превземе! Макс, синот на градоначалникот, е млад талент кој тајно
мечтае да го реши смрдливиот проблем со една луда машина, која ја изработува заедно со
професорот Пенливски и неговата внука Лота. Кога Макс се сретнува со Смрдушковци на
депонијата, веднаш станува јасно дека тие се решението за проблемот, затоа што јадат ѓубре! А за
Смрдушковци, депонијата значи дека конечно нашле вистински дом. Сè би било во ред ако не беа
плановите на сопругата на градоначалникот и бескрупулозниот градежен изведувач Чекановски
кои сакаат на депонијата да градат велнес центар! Смрдушковци сега треба да го спасат својот нов
дом заедно со пријателите Макс и Лота.
Филмот беше прикажан на најголемите фестивали за детски и фамилијарни филмови како Џифони
Италија, Интернационалниот фестивал за деца и млади во Бусан, Интернационалниот филмски
фестивал во Сан Себастијан, Германскиот медиа фестивал за деца „Голденер Шпац“ и други.
Дистрибутер на филмот е „Катавеј“ од Скопје, а дистрибуцијата е помогната од German Films.

- Реклама -