Франција нарачала 42 борбени авиони „Рафал“ од „Дасо авијација“,а трансакцијата е во вредност од над 5,5 милијарди долари, соопшти француското Министерство за вооружени сили, пишува „Дифенс њуз“.
Француските пратеници се загрижени за француско-германскиот проект за производство на наследник на „Рафал“(Rafales). Проектот наречен The Future Combat Air System (FCAS), треба да биде завршен дури меѓу 2045 и 2050 година, а француските политичари не сакаат да чекаат дотогаш.
Министерството соопшти дека агенцијата за набавки се обратила до „Дасо авиојација“ (Dassault Aviation), како и до добавувачите на опрема Thales, Safran и MBDA.
-Ова е одлична вест за нашиот суверенитет и безбедност, како и за нашите вооружени сили, кои ќе имаат голема корист од дополнителните авиони „Рафал“, со модернизирани способности, изјави министерот за вооружени сили Себастиен Лекорну.
Авионот „Рафал“ за првпат беше воведен во француската морнарица во 2004 година, а во француското воздухопловство во 2006 година. Се користеше во Авганистан, Либија, Ирак, Сирија и Мали. Сметајќи ја последната трансакција, вкупниот број на вакви авиони во Франција изнесува 234.
Во моментов низ светот се бараат 261 „Рафал“, а дел од клиентите се Египет, Индија, ОАЕ и Индонезија. Грција и Хрватска купија по 12 користени авиони „Рафал“ од француското воено воздухопловство.
Новиот авион, што е наменет за воздухопловните и вселенските сили, ќе има едно седиште и ќе содржи ракети со среден дострел, како и системот „Спектра“ (Spectra) на компанијата Талес.
МИА