Од Центарот за управување со кризи денеска информираат за две ситуации, кои се случиле вчера и биле, како што велат, животозагрозувачки во поголема мера
На патниот правец од Струмица кон браната Водоча вчера имало излетано возило надвор од патот на длабочина од пет метри, информираат утринава од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Регионалниот ЦУК од Струмица, за излетаното возило добил пријава од граѓанин, по што веднаш биле известени Министерството за внатрешни работи (МВР) и струмичката Територијална противпожарна единица (ТППЕ) кои излегле на терен.
„Околу пладне била добиена пријава од граѓанин за излетано возило од патот на патниот правец од Струмица кон браната Водоча. Веднаш биле известени МВР и ТППЕ Струмица кои излегле на терен и констатирале дека се работи за излетано возило надвор од патот на длабочина од пет метри. Лицата ги немало во и околу возилото, биле барани и било констатирано дека имало две лица коишто за среќа не биле повредени“, информираат од ЦУК.
Двете лица, додаваат од ЦУК, сами го напуштиле местото на настанот и случајот не го пријавиле навреме.
Излизганото возило од долот длабок пет метри, од ЦУК велат дека вчера попладне било извлечено.
Друг случај, за кој утринава информираат од ЦУК, а исто така се случил вчера, е за пожар во скопската Општина Ѓорче Петров.
Скопските пожарникари, вчера со еден противпожарен тим гаснеле запалена електрична инсталација на улицата „Пекљане“ бр.1а во Општина Ѓорче Петров. Во пожарот, како што информираат од ЦУК, едно лице вдишало чад и било евакуирано и безбедно пренесено во болница.
Инаку, според утринскиот извештај на Центарот, во последното деноноќие имало вкупно 1 642 повици на единствениот број за итни случаи 112, од кои „реални“ биле 43,61 отсто, а 1,95 проценти биле за други потреби на граѓаните кои не биле итни. Кон полицијата биле упатени 42,19 отсто од повиците, кон Итната медицинска помош 45,70 отсто, а пожарникарите добиле 10,16 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.