Околу милион евра приходи од дозволи за градба во Гостивар минатата година

Општина Гостивар е прва во полошкиот регион, а меѓу првите три во земјава по издадени одобренија за градба во 2023-та година, покажуваат податоците од Секторот за урбанизам, кои денес ги презентираше раководителот Семир Зулбеари.

Лани Секторот издал вкупно 197 одобренија за градба, кои донеле приход во општинската каса од околу еден милион евра.
„Од вкупниот број одобренија, 22 беа за инфраструктурни проекти, 18 за згради, додека останатите за куќи, пренамени, адаптации и друго. Како општина и како Сектор за урбанизам сме први во полошкиот регион, а во земјава во топ 3 според издадени дозволи лани“, кажа раководителот.

Најголемиот дел од дозволите се за градби во градот, додека од селата најмногу 15 има во  Дебреше, 9 во Бањица, 8 во Балиндол итн.
Како поважен момент од работата на урбанистичкиот сектор минатата година, тој го истакна легализирањето на неколку јавни објекти во општинска сопственост, со што добија имотен лист.
„Важно е да се спомене дека лани се легализираа зградата на општината, спортската сала, објектот на Комуналец и на интернатот, кои до сега беа без имотен лист. Сега се веќе  легализирани и запишани во катастарот. Инаку, како што знаете процесот на легализација  е при крај, останатити се уште по неколку објекти, со оглед дека законот за легализирање е од 2011-та година и поминато е доста време“, рече Зулбеари напоменувајќи дека од надоместок за легализација ланските приходи биле околу 100.000 евра.
Што се однесува до урбанистичките планови, во 2023-та година биле завршени околу 60 постапки за планови, меѓу кои две за детални урбанистички планови. Во постапка се плановите за уште три блока. Сите блокови се во периферијата на градот и до сега или немале ДУП или тој бил стар неколку децении.

Новогодишно ИНТЕРВЈУ | Гостин: Дедо Мраз

Извор