Триесетдневен притвор за таткото кој до смрт ја претепа својата двегодишна ќерка

Триесетгодишниот Ф.Д., од охридската полиција велат дека е спроведен во казнено-поправната установа „Затвор-Битола“

Триесетдневен притвор доби таткото кој ја претепа својата двегодишна ќерка и која почина на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, информираат од СВР Охрид.

Триесетгодишниот Ф.Д., од охридската полиција велат дека е спроведен во казнено-поправната установа „Затвор-Битола“.

Вчера, од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кичево информираа дека е покрената истрага за случајот.

Изнесувајќи детали за настанот, од Обвинителството посочија дека осомничениот на 18 декември минатата година со раце и нозе ѝ нанел повеќе удари на ќерката, предизвикувајќи ѝ тешки телесни повреди. Девојчето се здобило со скршеница на коска на черепот, мозочно крвавење и скршеници на две ребра.

Во врска со случајот, вчера, се огласија и од Министерството за здравство. Оттаму преку писмено соопштение информираа дека девојчето на 19 декември во коматозна состојба било примено на Ургентниот центар во Кичево. Детето било донесено во кичевската болница од страна на својата мајка.

Поради критичната состојба, детето било пренесено на Ургентниот хируршки центар во Клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје, а потоа и на Клиниката за неврохирургија каде на 08.01.2024 починала.

- Реклама -