„Фамилија Металковци“ – интерактивен концерт и работилница во Филхармонија

Во сабота, 13 јануари 2024 година, во Македонската Филхармонија, со почеток во 11:00 часот ќе се одржи интерактивен концерт и работилница насловен „Фамилија Металковци“.

„Фамилија Металковци“ е едукативен концерт на музичарите од групата лимени дувачки инструменти во оркестарот на Македонската филхармонија. Преку овој интерактивен проект музичарите ја запознаваат помладата публика со специфиноста и карактерноста на секој од инструментите кои припаѓаат на оваа оркестарска група.

Запознавањето со инструментите, нивната генеза и звук се прави на непосреден начин, преку изведба на музички фрагменти од различни жанрови – класика, народна музика, џез…

Едукацијата на најмладата публика е многу важна за нас, како институција, зошто на овој начин ја создаваме нашата идна публика, ги поттикнуваме децата да развијат интерес за музиката која ја изведуваме, која има поинаква звучна естетика од комерцијалната. Преку овие концерти сакаме да им создадеме на најмладите добри навики на конзумирање на квалитетна музика со високи естетски вредности, велат од Филхармонија.

Публиката ќе има можност да слушне фрагменти од Концертот за труба од Јозеф Хајдн, „Слики од изложбата” од Модест Мусоргски, популарна музика од филмовите „Пинк Пантер”, „Кралот лав” и „Приказна за играчките”, како и познатите македонски песни „Јовано, Јованке”, „Македонско девојче” и химната на Македонија.

Ќе „возиме различни автомобили” со помош на тромбонот, а ќе имаме и квиз каде ќе ги погодуваме најпознатите филмски теми, се вели во објавата од организаторот на овој интересен настан.

- Реклама -