Јавниот обвинител во текот на денешниот ден ќе вложи жалби на одлуката на судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје со која беше одбиен предлогот за определување мерка притвор за четворица осомничени за кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај и им беа определени мерки на претпазливост, информираат од ЈОРСМ.
Судија на претходна постапка од Кривичниот суд вчера им определи мерки за претпазливост на четири лица меѓу кои и Беким Незири, поранешен министер, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ, осомничени за загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај. Тие заедно со уште четири други лица, по кои се трага, во четвртокот упаднале во канцелариите на М-НАВ каде настанал инцидент.
– Согласно член 146 ст.1 од ЗКП на осомничените им се определува забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, одземање на патната исправа односно забрана за нејзино издавање и забрана за комуникација со оштетниот како и меѓусебна комуникација, се информираа од Судот.
Поради случувањата во М-НАВ, Владата за седницата во вторник на 9 јануари најави разрешување на раководството на претријатието, а исто така се најавени и вонредни контроли за работењето.
Основното јавно обвинителство Скопје, претходно соопштои дека донело Наредба за спроведување истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Како што соопшти ОЈО, осомничените на 4 јануари, со заедничко дејствие на извршување, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот.
– Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години, се вели во соопштението од ОЈО.
Јавниот обвинител, ценејќи дека во конкретниот случај постои опасност од бегство, можност осомничените да влијаат врз постапката или да го повторат делото, до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за четворица осомничени кои се лишени од слобода, додека по останатите четворица се трага. Предлогот не беше прифатен, и на четворицата осомничени им беше определена мерка претпазливост.