Во издание на „Бата прес“ излезе од печат романот за млади „Убоди“ од ирската писателка Диадре Саливен. Книгата од англиски на македонски јазик ја преведе Ацо Пероски.
Како што информираат од „Бата прес“, романот „Убоди“ е трогателно сурова исповед на тинејџерка која се обидува да води нормален живот, откако преживеала злоставување во семејството.
Главниот лик Сес, сака да завладее со уметноста на тетовирањето, да создава преубави слики на кожата. Меѓутоа, уште е премлада за тоа, а има и поважни грижи во животот. Секако најголема грижа е како да се дочека полнолетството, а да не се распадне поради страшната тајна што не може да ја сподели со никој. Тајната што го разурнува нејзиното семејство, толку страшна тајна што и нејзините најблиски се преправаат дека ништо не се случило.
Авторката Диадре Саливен е писателка за деца и поетеса. Таа е родена во Галвеј, Ирска и сега живее во Даблин. Таа има напишано повеќе книги од кои неколку биле номинирани за награди и ја освоила престижната награда „Книга на годината“ на ЦБИ
Објавувањето на ова дело е подржано од Министерството за култура и ЕУ, во рамките на проектот „За нивната иднина“, со кој „Бата прес“ во минатата и во оваа година под програмата „Креативна Европа“ објавува петнаесет книги за деца и млади од петнаесет познати европски автори.