4 филмови снимени според (крајно извртена) вистинска приказна

„Ураганот“ Голем дел од филмовите во Холивуд се снимаат според вистински приказни. Најчесто, се работи за возбудливи или инспиративни приказни. Но, постојат случаи кога наративот едноставно не е доволно силен за од него да се направи добар филм. Следствено на тоа, сценаристите малку ги шминкаат настаните и го добиваме финалниот производ – успешен филм. Колку е веродостоен, тоа е веќе поинакво прашање.


Голем дел од филмовите во Холивуд се снимаат според вистински приказни.
Најчесто, се работи за возбудливи или инспиративни приказни. Но,
постојат случаи кога наративот едноставно не е доволно силен за од него
да се направи добар филм. Следствено на тоа, сценаристите малку ги
шминкаат настаните и го добиваме финалниот производ – успешен филм.
Колку е веродостоен, тоа е веќе поинакво прашање.

„Руди“4. „Руди“

Сигурно сте го гледале филмот со Шон Остин во кој тој не сака ништо друго во животот отколку да одигра еден натрепвар во колеџ тимот на Нотр Дам во американски фудбал. Се работи за ситно човече без какви и да е предиспозиции за тој спорт, а единствената доблест која ја има е непресушниот инает кој го тера да работи и работи и работи, дури и по цена никогаш да не му се оствари сонот. Најголема кочница му е злобниот тренер Ден Дивајн кој одбива да го пушти на терен макар и на неколку секунди, а попушта откако остатокот од тимот се заканува дека ќе го напушти теренот и натпреварот ќе им биде предаден на противниците.

Во реалноста:
Вистинскиот Ден Дивајн му бил многу добар пријател на Руди кој бил инспириран од волјата на ситното човече; и токму тој е човекот кој инсистирал Руди да игра во последниот натпревар кој и онака немал некое натпреварувачко значење. Кога се правел филмот, тој побрзал да им даде дозвола на продуцентите да го променат неговиот лик во негативец, само за да може филмот да има поголема тензија и со тоа да го продолжи сонот на Руди.

И нормално, како и секој добродушен човек, што доби за возврат? Успешно го претвори во Гаргамел, кој не сака да му дозволи на најупорниот играч кој на сите им помага во тренингот да трча по теренот 30 секунди во последниот меч.

А, ако се прашувате кој филмски продуцент бил на трибините, го забележал Руди и инспиративната приказна ја преточил во сценарио, тогаш ќе се зачудите од одговорот – никој! Руди 10 години од животот минал трчајќи од студио до студио обидувајќи се да убеди некого дека животната приказна му е доволно значајна за од неа да се сними филм.

„Победа“3. „Победа“

Во оваа приказна, во еден нацистички камп случајно се најдува триото Пеле, Мајкл Кејн и Силвестер Сталоне, како заробеници од редовите на Сојузниците. Што прават во кампот? Што можат друго, освен да играат фудбал. Случајно, Нацистите смислуваат план да играат против најдобриот тим на Сојузниците и од тоа да направат пропаганден спектакл (очигледно никогаш немале чуено за Пеле). Тимот на Сојузниците пак се надева дека ќе го искористи мечот за да побегне на полувреме. Но, откако ќе видат дека честа е во прашање, наместо да заминат, ќе се вратат да го доиграат мечот. Што е најитересно, на крајот, сите се потпираат на голманските способности на Сталоне. И како на филм, тој спасува гол, добрите победуваат и настанува општо лудило што пак им овозможува и да побегнат покрај победата.

Во реалноста:
Воопшто не постоил тим на Сојузниците. Тоа значи не можело да има ликови како Пеле или Мајкл Кејн што ќе ги дадат своите бесценети фудбалски искуства. Во вистинскиот живот, случката која послужила за инспирација на овој филм се случила во Украина. Таму, еден локален тим бил присилен да игра против нацистичката репрезентација. Но, не само што постојано победувал, туку победувал убедливо. Последниот пат со 8:0. По таа победа, Гестапо успеале да најдат разноразни причини да уапсат и убијат повеќемина од играчите, додека останатите биле пратени во работни кампови и убиени нешто подоцна во војната.

„Добро утро, Виетнам“2. „Добро утро, Виетнам“

Војната во Виетнам, како што знаеме од многу други филмови било не баш пријатна. Во суштина, тоа било едно од најужасните искуства во поновата историја, особено за Американците. Како требало војниците да го преживеат тоа? Со помош на Адријан Кронер, ди-џејот од Детроит кој не се плаши да му се спротистави на естаблишментот, притоа кажувајќи ги најсмешните шеги и пуштајќи добра рок музика која била актуелна во тоа време. Дополнително, тој наоѓа време и да ги подучи Виетнамците како да пцујат на англиски. На крајот бидува избркан од војска поради тоа што пречесто се одлучи да му покаже (метафоричен) среден прст на комндниот кадар.

Во реалноста:
Освен делот со ди-џејството, речиси сè останато што го видовме во филмот е измислено за да се вклопи во концептот на семејно-прикладни комедии во раната фаза на актерството на Робин Вилијамс. И иако Кронер пуштал добра музика, вели дека речиси никогаш не кажал шега, а сите оние нешта што ги стори Вилијамс во филмот, ќе му донеселе неколку искуства пред воен суд. Крајот на службата исто така не му бил спектакуларен. Си заминал дома кога го отслужил рокот до крај.

„Ураганот“1. „Ураганот“

Ова е филм во кој надежниот боксер во подем бидува наместен за убиство, поротниците го осудуваат зашто е Црнец и покрај доказите кои укажуваат на нешто поинакво, се бори долги години да ја докаже својата невиност, преживува чуда во затвор, пред да се појават неколкумина Канаѓани кои ќе му помогнат да ја докаже невиноста која претходно ја навести Боб Дилан во истоимената песна.

Во реалноста:
Никој не вели дека Рубин „Ураганот“ Картер го извршил убиството, но посочените факти во филмот драстично отстапуваап од фактите во вистинскиот живот. Прво, на почетокот на филмот има сцена во која Рубин се бори против еден бел боксер (Џои Гаљардо) и го крши од ќотек, но расистичките судии му ја одземаат победата. Всушност, Картер добил толку многу удари што по борбата едвај можел да застане на нозе. Откако го видел филмот, Гаљардо ги тужел продуцентите и добил убав надомест за неправдата. A што се однесува до судењето, постоеле доволно докази за да го осудат 2 пати, но обата пати биле направени процедурални грешки од страна на обвинителството што на крајот резултираше со негово ослободување. Не постоеше ниту новооткриен доказ како во филмот кој помогна во ослободувањето, туку повторно се работело за пропуст од обвинителството. Можеле да го судат и по трет пат, но сите загубија интерес поради тоа што сите инволвирани во случајот или се умрени или премногу стари за да им е гајле. Рубин „Ураганот“ Картер беше ослободен, иако неколкумина од неговите сведоци подоцна признаа дека во оригиналните судења им било наложено да лажат во негова корист.

За до крај да ви се разјасни оваа приказна, треба да ја погледнете споредбата на овие две фотографии. Онаа од лево е извадена од автобиографијата на Картер, отпечатена во 1974 година, а втората од книгата „Ураганот“ од 2000 година, напишана од Џејмс Хирш. Доцртаните одликувања на фотографијата можеби се и дел од причините зошто во скусениот воен рок Картер дури 4 пати бил на воен суд пред најпосле да го избркаат.

Рубин „Ураганот“ Картер
- Реклама -