Логомотива.мк, ризница на македонскиот графички идентитет

Kако настанала Логомотива.мк?

Како што велат авторите, Небојша Гелевски – Бане и Александар Гижаровски, се работи за ризница на логоа за секој кој го цени дизајнот, историјата и културата на Македонија.

Проектот настана од RetroMK (проект на Бане за документирање на историјата на МК дизајн) започнат во 2008 година и ФБ групата Логомак (подоцна Логомотива на Бане, Александар и Немања Трајковиќ) од 2015 година. Во групата значаен придонес имаат дадено бројни македонски дизајнери и ентузијасти како Златко Ангелески, Valdamarr Sveinaldsson, Зоран Кардула и други. Во 2024 година проектот се трансформира во logomotiva.mk.

Оваа колекција на македонски логоа опфаќа повеќе децении и ја прикажува еволуцијата на дизајнерските трендови, што ја прави непроценлив извор за дизајнерите, историчарите и ентузијастите.

Зошто е Логомотива.мк е битен проект?

„Просечниот Американец дневно гледа 16.000 реклами, логоа и етикети,“ вели д-р Дарма Синг Калса во книгата „Долговечност на мозокот“. Колку логоа гледа просечниот Македонец денес не е познато. Со глобализацијата и интернетот веројатно гледа сличен број, но колку од нив се македонски логоа? Веројатно мал процент.

Logomotiva.mk нуди увид во еволуцијата на македонскиот графички идентитет, брендовите и културата. Проектот има естетски вредности, но уште повеќе научни и културни – тој го илустрира влијанието што логоата можат да го имаат врз обликувањето на визуелниот идентитет на една нација.

Кога станува збор за архивирањето на македонските креативни производи, состојбата кај нас е лоша. За потребата од архивирање на домашната култура и идентитет зборувавме во повеќе наврати, со лични примери, како и со напори да се архивираат одредени значајни проекти од минатото (ЕлектролитКонтрапункт).

На пример, ако се обидете да побарате архива од некое списание, плакат или друг графички материјал во Македонија низ кафкијанските лавиринти, ќе се изгубите помеѓу правливите фикуси и кожените фотелји од 1970-тите години на минатиот век. Да не беа приватните иницијативи како тие на Бане, прашање е и дали ќе ги најдевме.

Универзитетската библиотека нема многу разбирање за проблемов и од муабети со дизајнери кои пребарувале материјали во неа дознавме дека примероците не се дозволени за изнесување од библиотеката (разбирливо), дури и ако им понудите помош за нивна дигитализација (неразбирливо).

Како можете да помогнете?

Во колекцијата се присутни најголемите имиња на македонската уметност и графички дизајн, како Драгутин Аврамовски – Гуте, Костадин Танчев – Динка, Мирослав Грчев, Владимир Боројевиќ, Нико П. Този. Митко Хаџи Пуља и други.

Сепак, како што зборувавме – архивирањето во Македонија е проблем, постојат голем број логоа кои се со непознат автор. Тука се истакнува заедницата и преку ФБ групата се пронајдени некои од непознатите имиња, но дел остануваат неидентификувани.

Затоа преку Логомотива.мк се повикуваат дизајнерите и ентузијастите да ги идентификуваат непознатите автори – потребен е заеднички труд.

Што да се прави понатаму? Итна и масовна дигитализација!

Да бидеме искрени, проект како Логомотива треба да покрене Владата или некое од Министерствата (за наука, култура или вистина…) и да го плати дебело!

За среќа (во несреќа) имаме луѓе како Бане и Александар кои одвојуваат од сопственото време и финансии да покренат вакви проекти. Уживајте!

Web: www.logomotiva.mk

Instagram: https://www.instagram.com/logomotiva.mk

Facebook: https://facebook.com/logomotiva.mk

извор: https://arno.mk/logomotiva-mk-riznica-na-makedonskiot-graficki-identitet/

- Реклама -