Со неколкуте големи хитови публиката повторно се врати во кино салите, а филмските фестивали и стриминг платформите имаа многу причини да бидат задоволни.
Ова е изборот на најдобрите 25 филмови во 2023 година на филмскиот критичар Слаѓан Пенев, селектор на главната натпреварувачка програма на Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
25. КЛУБ НУЛА/CLUB ZERO (Режија: Џесика Хаузнер), Австрија
Честата гостинка на филмските фестивали кои негуваат артхаус програма, провокативната австриска режисерка Џесика Хаузнер продолжува со понудите на брутални, а истовремено и разблажени стилизирани сатири – па така во „Клуб нула“, под влијание на разни идеолошки, еколошки или хипстерски побуди една учителка во елитно школо наведува неколку ученици да се подложат на доброволно намалување на внес на храна.
24. ПРИСИЛА (Режија: Софија Копола) САД
Како и во портретирањето на „Марија Антоанета“, а и на други ликови од нејзините претходни филмови, Софија Копола во приказот на Присила Присли, како една препознатлива личност од модерната поп-култура, се обидува да понуди теорија за ослободување на заробеното женско тело.
23. ИЗГУБЕНИ ВО НОЌТА/PERDIDOS EN LA NOCHE /LOST IN THE NIGHT, (режија: Амат Ескаланте) Мексико
Неколку од поистакнатите мексикански филмови во последно време ја прелетуваат политичката ангажираност со вечно актуелните теми поврзани со нагоните за секс и смрт. Таков е и последниот филм на Амат Ескаланте (најмногу познат по хоророт „Дива област“ од 2016 г., за кој доби Сребрен Лав во Венеција), во кој политичките трауми поврзани со бруталниот капиталистичко-картелски систем се „лечат“ со детално испланирани одмазди кон истакнатите профитери од таквиот систем.
22. МАЈ ДЕКЕМВРИ/MAY DECEMBER (Режија: Тод Хејнс), САД
Режисерот кој се прослави со теми поврзани со контроверзни теми, во најновиот филм третира уште една тема која е десерт за американските таблоиди – учителка фатена во љубовна врска со ученик. Со алузии на Бергмановата „Персона“, Џулијан Мур и Натали Портман играат неколку игри создавајќи врска преплетена со почит и презир, тајни и лаги, маски и скриени идентитети.
21. МОМЧЕТО И ЖЕРАВОТ/ THE BOY AND THE HERON (Режија: Хајао Мијазаки) Јапонија
Со типично аниме сиже полно со пресврти и фантазија, последниот продукт на Студио Гибли (најпознато по „Патување со душите“ и „Принцезата Мононоке“) е филм кој има многу елементи од детството на режисерот Мијазаки, и во кој главна тема е созревањето и учењето да се живее со другите.
20. СТАРИОТ ДАБ/ THE OLD OAK (Режија: Кен Лоуч) В. Британија
Тестаментално дело на еден од најдоследните филмски режисери на денешницата. Во препознатливиот Лоучовски реалистичен манир („филмот како општествен ангажман“) и ова дело е првенствено револт против социјалните неправди и величење на солидарноста и посветеното пријателство.
19. ВО ЦРНА ТОЧКА/IN THE BLIND SPOT/IM TOTEN WINKEL (Режија: Ајсе Полат), Германија
Мистериозен трилер во кој репресиите врз Курдите во Турција се позадина за конспиративни настани, додека монтажата од користени видео снимки од телефони и скриени камери создава дополнителна напнатост во рашомонијадата околу серија насилни инциденти.
18. НЕСОГОРЛИВ/FIREBRAND (Режија: Карим Аинуз), В. Британија
Еден од најплодните бразилски режисери се зафаќа со тема од британската историја со одлична актерска екипа (Џад Лоу, Алиша Викандер, Еди Марсан) и врвна кинематограферка (Елен Лувар). Резултатот е оживеана барокна илустрација (насликана во стилот на Вермер или Рембрант) во која приказот на кралската бруталност и бестијалност не се препорачува на гледачите со послаби стомаци.
17. СНЕЖНАТА ЗАЕДНИЦА/Society of the Snow/La Sociedad de la nieve (Режија: Хуан Антонио Бајона), Шпанија
И новата филмска верзија на драмата за преживувањето на авионската несреќа во Андите во 1972 г. ги предизвикува очекуваните емотивните и психолошки реакции на еден фасцинантен и страшен антрополошки феномен кој секогаш ќе биде пример за тестирање на теориите за функционирањето на човековите инстинкти. „Снежната зедница“ е филм кој успева во рекреирањето на автентичност во приказот и создавање целосен контекст за катарзично доживување.
16. СЦЕНАРИО ОД СОНИШТАТА/ DREAM SCENARIO (Режија: Кристовер Боргли), САД
Насловот на филмот не само што е оправдан, бидејќи е едно од најинвентивните сценарија кои се филмувани во последниве години, туку и самата приказна се засновува на соништата. Николас Кејџ во уште една незаборавна улога, можеби најблиску до онаа во „Адаптација“ (2002) на Чарли Кауфман, овој пат како анонимус кој одеднаш почнува да се појавува во соништата на милиони луѓе.
15. СОЛТБУРН/SALTBURN, Режија: Емералд Фенел, В. Британија
Бери Кеоган е следното големо лице во филмскиот свет, а по неговата незаборавна епизода во „Сеништата на Инишерин“, неговиот потенцијал добива целосна реализација во шокантната психодрама „Солтбурн“. Овој филм е одлична вивисекција на британскиот класен систем, во кој богатите се хранат со месото на надобудните аспиранти за качување во класната скала, а ракошната фотографија на Линус Сандгрен ги доловува во детали ексцентричните пејзажи на аристократскиот снобизам.
14. ЗЛОТО НЕ ПОСТОИ/ AKU WA SONZAI SHINAI/EVIL DOES NOT EXIST (Режија: Рјусуке Хамагучи), Јапонија
Неоптоварен со големите очекувања по успехот на „Вози ја мојата кола“ (2021), режисерот Хамагучи го смести дејството на својот најнов филм во мало јапонско село каде отсекогаш се живеело скромно, во склад со природата и каде што обидот за градење луксузен ресорт предизвикува немир кај населението. Сребрениот Лав од Венецискиот филмски фестивал оваа година потврди дека и со ова споровозно дело талентот на Хамагучи високо се цени во филмската уметност.
13. СИТЕ СМЕ СТРАНЦИ/ALL OF US STRANGERS (Режија: Ендрју Хеј), В. Британија
„Секогаш се чувствував како странец во моето семејство“, вели еден од главните ликови во овој прекрасен филм за потребата и потрагата по љубов и разбирање. Омилените британски актери од поновата генерација Пол Мескал и Ендрју Скот совршено го движат овој едноставно хуман филм за луѓе кои се борат со тагата и осаменоста.
12. ОСТАВЕНИ/THE HOLDOVERS (Режија: Александер Пејн), САД
Во оваа комедија од старата школа, извонредниот Пол Гиамати глуми професор по историја кој не е омилен ниту меѓу студентите, ниту меѓу колегите. Во мајсторски водената приказна, низ сплет од одлични дијалози се откриваат болните наслаги на она што довело до цинизмот и мизантропијата на еден учител каков што има во речиси секое училиште.
11. КУТРИ НЕШТА/POOR THINGS (Режија: Јоргос Лантимос,) В. Британија
Оваа авантура на телесното освестување прикажана преку психоаналитично деконструирање на франкенштајновата тема претставува најзабавниот филм досега на еден од врвните мајстори на авторскиот филм и на т.н. Грчки чуден бран.
10. ХИМЕРА/LA CHIMERA (Режија: Аличе Рорвахер), Италија
Во една анкета во која се бараше од неколку режисери да ги издвојат најдобрите филмови на годината одговорот на ексцентеричниот Аки Кауризмаки гласи: „Не гледав многу филмови годинава, но од оние што ги видов мојот апсолутен фаворит е Химера на Аличе Рорвахер. Причината: Беше добар.“
9. ЗОНА НА ИНТЕРЕС/THE ZONE OF INTEREST (Режија: Џонатан Глејзер) В.Британија
И додека траат најстрашните војни, луѓето (а и злосторниците) мора да најдат начин да живеат. Она што Хана Арент го опиша како баналноста на злото, Џонатан Глејзер го прикажа во овој одлично снимен филм.
8. ОПЕНХАЈМЕР (Режија: Кристофер Нолан), САД
Филмот кој доби најголема маркетиншка и медиумска покриеност годинава е исклучителна лекција по историја и темелно сработен филм, особено во техничка смисла, а Силијан Марфи со улогата на творецот на атомската бомба си го обебеди местото во актерскиот пантеон.
7. ТОТЕМ/TÓTEM (Режија: Лила Авилес), Мексико
Едно од најубавите чуда во човечката природа е како смртта станува повод за славење на животот. Лила Авилес во овој прекрасен филм успева да го дофати токму тој катарзичен момент.
6. МОНСТРУМ/KAIBUTSU/MONSTER (Режија: Хироказу Коре-Еда), Јапонија
Уште едно јапонско ремек дело направено во духот на славниот „Рашомон“.
5. ПАДНАТИТЕ ЛИСЈЕ/KUOLLEET LEHDET FALLEN LEAVES (Режија: Аки Кауризмаки) Финска
Поетиката на Кауризмаки и неговиот редовен соработник зад камерата Тимо Салминен, впечатливите лица на главните актери и надежта која филмската уметност се уште може да ја разбуди конечно постигнаа полн погодок и кај критиката и кај кино благајните.
4. УБИЈЦИ НА ЦВЕТНАТА МЕСЕЧИНА (Режија: Мартин Скорсезе)
И во деветата деценија од својот живот Мартин Скорсезе повторно прави врвни филмови по какви што го паметиме во најдобрите времиња.
3. ВО ОГАН/ Roter Himmel/ Afire (Режија: Кристијан Пецолд), Германија
Пецолд се враќа на вечната тема на анксиозноста на писателите (а и воопшто на уметниците) на начин кој и Чехов или Ромер би го потпишале.
2. ЗА СУВИТЕ ТРЕВИ/KURU OTLAR USTUNE/ABOUT DRY GRASSES (Режија: Нури Билге Чејлан)
Уште еден антологиски филм на Чејлан во кој гледаме темелна студија на карактери од која долго време останувате замислени врз она што е буквално и она што е метафорично.
- АНАТОМИЈА НА ЕДНО ПАЃАЊЕ/ANATOMIE D’UNE CHUTE/ ANATOMY OF A FALL (режија: Жустин Трие), Франција
Филм кој маестрално игра на тенките граници на бидувањето жртва и агресор, систематично ја разветлува кревкоста и трансакциската природа на меѓучовечките односи и неизбежната пристрасност во човечкото расудување.
извор: рацин.мк