Светот се подготвува да влезе во 2024 година

Човештвото се подготвува да и каже збогум на 2023 година, која беше најтоплата година досега, откако се водат статистики, во која вештачката интелигенција бележи подем, во која војната во Украина, приближуваjќи се до својата втора година, беше надополнета со онаа меѓу Израел и „Хамас“ во Појасот Газа, забележуваат западните агенции.

Светот ја пречекува Новата година со население од повеќе од осум милијарди луѓе и со надеж дека ќе стави крај на конфликтите ширум светот и ќе ги намали високите трошоци за живот.

2024 година ќе биде и година на многу избори, а за половина од светското население ќе биде година на клучни гласови. Избори ќе има во ЕУ, САД, Русија, Индија, Јужна Африка…

Ова ќе биде и година на Летните олимписки игри во Париз.

Светот се подготвува да се збогува со 2023 година, во која се врати розовиот бран на „Барби-манијата“ благодарение на хит филм, а во која беше извршена првата трансплантација на цело око во светот.

Минатата година Индија стана најнаселената земја во светот и прва што постави вселенско летало на неистражениот јужен пол на Месечината.

По традиција најголемата метропола која ќе навлезе во Новата година е Синдеј, која се подготвува да прослави со осум тони огномет и милион луѓе во областа на Операта и пристаниште.

Но, всушност, најголемиот остров на архипелагот Кирибати – Киритимати, каде живеат околу 5.000 луѓе, е првиот населен остров, кој секоја година прв влегува во Новата година, додава ДПА.

Пацифичките острови Самоа ќе бидат последни што ќе се разделат од 2023 година.

Иконски места каде новогодишните забави отсекогаш предизвикувале интерес се областа на Триумфалната капија, Ајфеловата кула и Шанзелизе во Париз, Бранденбуршката порта во Берлин, панорамското тркало познато како „Лондонско око“ во британскиот главен град, плажата Копакабана во Рио де Жанеиро и плоштадот „Тајмс сквер“ во Њујорк, каде се спушта Кристалната топка.

- Реклама -