Во Националната опера и балет беше изведена премиерата на “Mолитви на моето тело”, балетска престава по повод 100 годишнината од раѓањето на Ацо Шопов. Балетската престава е триптих втемелен на дванаесетте песни на Ацо Шопов, единаесет од циклусот Молитви на моето тело и песната Раѓање на зборот. Песните се моќни, но интимни приказни за патувањето на љубовта пресликани во танцова игра.
Идеjата за проектот е на Александар Ношпал, кој ги изработи и костимите за преставата во која учествуваше балетскиот ансамбл на НОБ.
– Се дојде многу спонтано пред неколку години во еден неврзан разговор со едни мои драги луѓе. Се работеше многу долго. Се собра вистинскиот тим, се дополнуваше и се изменуваше и мислам дека ете на крајот го доживеавме тој голем ден и многу ми е чест и големо задоволство што токму денеска на денот на раѓањето на овој великан можеме да го презентираме ова дело ко четири години веќе го подготвуваме- вели Ношпал.
Поезијата е медиум, литературно дело кое што дозволува сонување и интерпретација. Во оваа поезија Ацо Шопов, вели Ношпал го величи телото. Му се обраќа на телото, а телото е во директна корелација со движењето, со она што е танцот. -Танцот и телото се нешто што е единство, што е поврзано и затоа сметам дека “Mолитви на моето тело”, како циклус на поезија дава голема можност да се развие во едно танцово дело. Зборот е нешто што не карактеризира како луѓе и играта е нешто што не карактеризира како луѓе. Така да, мислам дека тука е главниот линк помеѓу зборот и танцот. Зборот и движењето. Артикулираното движење како израз на говорот преку движењето. Многу е интересно да видите некој што може да ја изрази својата емоција преку зборот кој се претопил во движење – објаснува Ношпал.