Авион за обука на грчкото воено воздухопловство се урна претпладнево во близина на воениот аеродром во грчкиот град Каламата. Станува збор за авион од типот Τ-2 Buckeye, со две седишта, што се користи за обука на пилоти. Во несреќата, пилотот го загубил животот, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролот на военото воздухопловство на Грција соопшти дека во 11.28 часот, при враќањето од лет за воздушна обука, авионот се урнал на локација на половина наутичка милја северозападно од аеродромот, што резултирало со смртни повреди на 40-годишниот пилот.
Претходно грчките медиуми објавија дека, според неофицијални информации, во авионот бил само пилотот.