Храмот на визуелните уметности Даут пашиниот амам, на 21 декември 2023 беше резервиран за официјалното отворање на изложбата „Јубилеј 90 години од раѓањето на Ристо Калчевски (1933-1989)“.
На крајот од нашата 75 годишна јубилејна година, овој проект, впрочем како и повеќето претходни, одбележува јубилејно уметничко чествување на еден од најзначајните толкувачи на енформелната практика во македонската ликовна уметност, Ристо Калчевски и претставува реализација на интегрално презентирање на неговото богато творештво. Досегашните истражувања и анализи кои ги сумираме на едно место, односно негово критичко и научно валоризирање како автор кој оставил свој специфичен белег во одредени општествени услови, упатуваат дека Ристо Калчевски зазема исклучително место во развојот и афирмацијата на македонската современа уметност, оставајќи посебен белег и преку долгогодишната педагошка дејност.
На наше задоволство, бројната публика ја надополни атмосферата на овој посебен настан.
Директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими во своето обраќање сподели:
„За творештвото на Ристо Калчевски во минатото пишувале најзначајните критички имиња во македонската историја на уметност, кои помогнале во неговите претставувања или го вклучиле во селекциите за најзначајните тематски изложби, особено на енформелот, а тоа се Борис Петковски, Соња Абаџиева, Викторија Васева Димеска, Марика Бочварова, Лилјана Неделкоска и други. Претставувањето во Националната галерија се случува по 22 години од неговото последно претставување во Музејот на современата уметност и се надеваме дека ќе уживате во овој интегрален пресен на неговото творештво.
Крајот на 2023 година и почетокот на 2024 година Националната галерија го одбележува со две јубилејни изложби. Пред неколку дена во Чифте амам ја отворивме јубилејната изложба по повод 110 години од раѓањето на Лена Стефанова, а вечерва имам особена чест да ве поздравам сите присутни на отворањето на изложбата „Јубилеј 90 години од раѓањето на Ристо Калчевски (1933-1989)“. Со овие изложби и не само програмата за 2023 година, кога Националната галерија направи 75 години од своето постоење, туку и во изминативе десетина години Националната галерија како значаен дел од своите програмски содржини се осврнува на одбележување на значајните датуми во творештвото на еминентните македонски уметници кои оставија своја трага и го оформија текот на македонската модерна уметност. Им благодариме на сите кои ги препознаваат нашите настојувања за достојно потсетување на творештвото на нашите големи автори, задача која и понатаму посветено ќе ја следиме.
Со претставувањето на најзначајните фази од творештвото на Ристо Калчевски, во случајов неговото значење за развојот на енформелната практика во македонската уметност, се надеваме дека интересот за неговото творештво нема да стивне. Напротив, овие јубилејни и ретроспективни претставувања ги сметаме поттик за понатамошни анализи и истражувања.
Благодарност до семејството Калчевски за довербата во реализацијата на оваа изложба, и благодарност на големиот број институции и поединци кои позајмија свои дела за оформување на поставката на оваа изложба. Благодарност до тимот на Националната галерија за нивниот елан за подготвување вакви се покомплексни проекти.“
„Напуштањето на класичните канони и конечниот исход од расправата меѓу фигурацијата и апстракцијата беа условeни и од иманентната општествена состојба на патот на создавање поинаква визија за светот, а во тој контекст и на творечката слобода на духот. Веќе на самостојната изложба 1962, во Скопје,(заедно со Драгутин Аврамовски), Калчевски навести една нова естетика на сликата, што во голема мера ја определи идната физиономија на неговото творештво. Феномените на стварноста, како секвенци од одредена целина, како суштина во оформувањето на физиономијата на сликата, стануваат примарни носители на делото. Без поголеми потреси, Калчевски ќе го развива своето сликарство од вознемирени композиции, каде што хроматското и ахроматското во окупирање на сликаната површина бележеа варијабилен дијаграм и каде што проблемот на светлината го решава со колористичките интервенции на боеното светло, до една поелементарна конструкција, со директно судирање на материјализираната структура на сликата. Погледот од надвор и од внатре, не ги исцрпува визуелниот репероар, фантазијата на Калчевски, туку погледот го лоцира од горе,од визурата на летот која ги кадрира структурите на земјата, на релјефните визури на пејзажот.
Калчевски од секогаш беше повеќе заинтересиран зa проблемите на анализа, отколку на синтеза, така што апстракцијата е вистинско поле во кое неговите сликовни размислувања можат да се интерферираат во една точка. Тоа значеше откривање на извори со чија помош, во своите нонфигуративни тези, го внесе присуството на гестот и материјалноста на бојата. Преобразување на видливите хоризонти до степен на нивното метафорично проседе, никогаш нема да ја досегне формата на автоматизмот, така што рационалниот третман ќе го насочи неговото сликарство пред се кон една повеќе контемплативна форма во којашто ке се обиде, од двата пола на енформелот, да ги извлече оние битни сегменти, што ќе одговараат на неговата ликовна транскрипција која му припаѓа на енформелот, а кој подразбира контрола на будната свест. Неговото врамнотежено сликарство во кое рационалната организација е поставена над лирската наративност и дескрипција, акумулира и користи определено проседе низ кое е предадена драмата на траењето на морфолошкото истражување на моќта и можноста на ликовниот говор.
Секако, делото на Ристо Калчевски, како еден респектабилен и специфичен творечки опус, остава отворен простор за разновидни пристапи и толкувања на процесот на неговите ликовни размислувања.“, истакна Викторија Васева Димеска, историчар на уметност и поранешна директорка на Националната галерија.
Официјалниот протоколарен дел од отворањето го заокружи Маја Чанкуловска Михајловска, една од кураторките на оваа изложба, изразувајки благодарност до сите кои земаа учество во реализацијата на проектот:
„Дозволете ми во мое име и во име на колешката Маја Неделкоска-Брзанова да ги изразам нашите благодарности пред се на семејството Калчевски за соработката и довербата за реализацијата на оваа изложба. Исто така благодарност до Минстерството за култура за поддршката на сите наши активности и ваков тип на јубилејни изложби, како и на голем број институции и приватни лица кои позајмија свои дела за успешно презентирање на сите фази од творештвото на Ристо Калчевски. Тука се пред се музејските установи Музејот на современата уметност, Завод и музеј – Штип, Завод и музеј – Охрид, и Завод и музеј – Битола, понатаму Собранието на РМ, Град Скопје, а благодарност и до Кабинетот на Претседателот, Владата, Музеј на РС Македонија. Галерија Арте, Галерија РА и голем број приватни сопственици.
Се разбира благодарност и до целиот тим на Националната галерија.“