Н.У. Кинотека на РСМ, во чест на јубилејот „50 години Кинотека на Македонија“ што ќе се одбележи во 2024 година – има во план да изработи специјално јубилејно лого (логотип со текст) за употреба во текот на целата наредна година. За таа цел и по тој повод, директорот на Н.У. Кинотека, распишува конкурс за лого и логотип со текст-„50 години Кинотека“, кој трае до 31 јануари 2024.
Како што појаснуваат од Н.У.Кинотека, главни елементи што треба да ги содржат понудените решенија за идејно-графичкото решение на логото „50 години Кинотека“се: предложеното решение мора да е оригинално авторско дело т.е. да не содржи елементи од други авторства – освен од приложеното (веќе постоечко и актуелно) лого на Кинотеката, логото да може да се имплементира и самостојнo и како дел од графички распоред (layout), логото може, но не мора во себе да го содржи логотипот што Кинотеката го користи во сегашните претставувања „50 години Кинотека“ не е обврзувачки текст. Доколку понуденото решение содржи текст, истото мора да биде изведено во три јазични верзии (македонски, албански и англиски јазик).
Право на пријава на конкурсот имаат сите локални, македонски дизајнери, уметници и креативци, самостојно или здружено.Секој учесник може да поднесе едно до најмногу три идејни решенија
Решенијата да се поднесат во А4 формат на кој било од следните начини:
а) по пошта (на адреса: Н.У. Кинотека на РСМ, ул. Никола Русински бр.1, 1000 Скопје),
б) директно во Архивата на Кинотеката (ул. Никола Русински бр.1, Скопје).
Решенијата ќе ги оценува Комисија од стручни и компетентни лица, именувана од страна на Директорот на Н.У. Кинотека на РСМ.
„На авторот на избраното решение му припаѓа авторски надоместок од реализацијата на аудио-визуелниот документарен запис – за ексклузивното пренесување на авторските материјални права за прикажување и дистрибуција; наградата за добитничкото дело е во износ од 30.000 денари“, информираат од Н.У Кинотека.
Извор: mia.mk